„НЕ МОЖЕТЕ ДА ПОДМИТИТЕ КОМПЈУТЕР“ Е ИДЕЈАТА НА АМЕРИКАНСКО-ЕСТОНСКИОТ ПРОЕКТ ЗА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНСКАТА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈА

    „НЕ МОЖЕТЕ ДА ПОДМИТИТЕ КОМПЈУТЕР“ Е ИДЕЈАТА НА АМЕРИКАНСКО-ЕСТОНСКИОТ ПРОЕКТ ЗА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНСКАТА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАВицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и естонската амбасадорка Кристи Карелсон на потпишувањето на Меморандум за соработка со Естонскиот центар за меѓународен развој. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Естонската амбасадорка во Скопје Кристи Карелсон со цитат на поранешниот естонски министер за надворешни работи Томас Хендик Илвес „Не можете да подмитите компјутер“ го промовираше проектот за поддршка и развој на дигитализацијата и е-владеење, кој ќе го спроведува Секретаријатот за европски прашања, со финансиска поддршка од САД и Естонија и експертска поддршка од Естонскиот центар за меѓународен развој.

    „Естонската влада со воодушевување го прифати овој предлог на владата на Република Северна Македонија и Американската амбасада во Скопје да го почне овој проект. Ми се допаѓа познатиот цитат на еден од лидерите на нашата дигитализација, поранешниот министер за надворешни работи Томас Хендрик Илвес: „Не може да подмитите компјутер“. Додека градиме дигитално општество треба да бидеме искрени со себеси дека креирањето доверба и надминувањето на сомнежот на луѓето во поглед на електронскиот систем е долг и комплексен процес. Тој е клучен за успехот, не само да се користи напредната технологија, туку и начинот на кој владата управува со процесот да креира позитивна законска клима. Друг е стандардот за кибербезбедноста, да не можат системите да бидат хакирани, а услугите да се одржуваат и да обезбедат безбедност на личните податоци“, кажа амбасадорката Карелсон.

    Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој со амбасадорката Карелсон денеска потпиша меморандум за соработка со Естонскиот центар за меѓународен развој, кажа дека ова ново партнерство има потенцијал за остварување важни цели, не само на полето на дигитализацијата.

    „И покрај одложувањата на почетокот на пристапните преговори со ЕУ, нема да креваме раце и да се фокусираме само на проблемот, туку ќе си ја туркаме домашната задача за носење на европските стандарди дома. Почнува проектот за поддршка и развој на дигитализацијата и е-владеење, под координација на СЕП, а со поддршка од Естонија и САД. Ова партнерство има потенцијал за остварување важни цели, не е само за проектот. Врската меѓу Естонија и Северна Македонија ќе добие нова димензија преку партнерство и менторство, под покровителство на САД. Имаме можност да учиме од земја која во светски рамки важи за лидер во дигитализацијата.

    На потпишувањето на меморандумот присуствуваше и американската амбасадорка Кејт Брнз.

    „Денеска зборуваме за е-владеење и дигитализација, но ова партнерство ќе донесе соработка на многу полиња. Е-владеењето ако е успешно спроведено носи огромни придобивки, не само давање владини услуги, туку се гради и довербата во општеството и во владините институции, се промовира праведност, транспарентност и е ефективна алатка во борбата против корупцијата. Овој момент е вистински момент за креирање вистинско партнерство меѓу двете земји. Северна Македонија ќе добие пријател, сојузник и ментор во процесот на интеграцијата во ЕУ“, рече Брнз.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира