Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва од Античкиот театар во Охрид ја почна изборната кампања за локалните избори кои ќе се одржат на 17 октоври. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски најави победа на изборите и нова иднина за граѓаните која ќе ја донесат градоначалниците и советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
„На овие избори, одлуката како понатаму зависи од самите вас. Дали ќе дозволите да продолжат на ист начин како досега, или ќе им покажете дека мора поинаку и дека не сте задоволни од ова што се случува, и ќе ја почувствувате шансата која е пред сите вас, да покажеме сите заедно дека заслужуваме една нова иднина, во која нашата татковина Македонија ќе биде нормално, убаво место за живеење. Нашата програма содржи 14.835 проекти од различни сфери и области и се решенија за реалните проблеми на народот. Поточно гарантираме изградба за реалните буквално потреби на граѓаните. Ветуваме изградба и реконструкција на 2.000 улици низ цела држава. Градба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта. Инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите. Гасификација за понапредни општини и многу, многу други конкретни дела“, рече Мицкоски во говорот во Охрид.
Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков најави дека за Охрид и охриѓани доаѓаат подобри времиња кои водат кон светла иднина, подобро утре за сите, за промени и напредок, за нов развој на Охрид. Пецков најави и максимално вложување и борба со создавањето нови дивоградби и дивеењето со урбанизмот.
С. ВРЕНЦОВСКА