Политичките партии завчера и официјално ја почнаа изборната кампања за претстојните локални со митинзи, но без да се почитуваат ковид протоколите. Ниту една од политичките партии на присутните граѓани на митинзите не им бара сертификат за вакцинација иако станува збор за организирани настани со голем број лица на еден простор.
Според последните мерки за заштита од коронавирусот, донесени од Владата на 24 август, сертификат за вакциниција или за прележан ковид-19 е задолжителен за секаков вид на настан на отворен простор. Најголемите партии, и оние од власта, и опозициските не ги почитуваат владните мерки.
Владејачката СДСМ кампањата ја отвори во понеделникот со митинзи на отворено во Битола и во Куманово, а вчера имаа во Скопје во Кисела Вода и во паркот Ибни Пајко каде беше промовирана кандидатурата за втор мандат на скопскиот градоначалникот Петре Шилегов. ВМРО-ДПМНЕ ја почна кампањата од Античкиот театар во Охрид, а вчера митинзи имаа во Струга и Ресен. Владејачката ДУИ изборите ги почна со митинг во Гостивар, а Алијансата за Албанците и Алтернатива во Скопје на Плоштадот Скендер бег.
Екипи на САКАМДАКАЖАМ.МК беа на митинзите на политичките партии и забележаа дека на ниту еден од нив немаше лица кои на присутните им бараат задолжително да покажат сертификат за вакцинација или за прележан ковид-19. Ретко кој од кандидатите за градоначалници, советници и присутни министри или граѓани носеа маски, иако меѓусебно срдечно се поздравуваа и прегрнуваа.
САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанда за Албанците и Алтернатива како се организирни митинзите во изборната кампања во однос на почитување на ковид протоколи и мерки, со оглед на тоа дека на митинзите има голем број граѓани и дали на присутните им се бара сертификат за вакцинација.
Од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера цел ден не добивме одговор на нашите прашањa кои прво им ги поставивме усно, а потоа и писмено, откако така ни беше речено.
Oд штабот на Алијансата за Албанците и Алтернатива велат дека не барале сертификати оти немале добиено протоколи за организирање на митинзи од Комисијата за заразни болести, иако тоа го побарале.
„Ние официјално побаравме Комисијата за заразни болести да ни даде протоколи за кампањата. Ни рекоа за два-три дена ќе добиеме специјални протоколи за митинзи, и кога ќе ги добиеме ќе ги почитуваме. Вчера не баравме, нашите собири и митинзи ќе бидат помали без многу гужви“, ни изјави Арбен Таравари кој на овие избори како кандидат на Алијансата за Албанците и Алтернатива бара втор градоначалнички мандат во Гостивар.
Од ДУИ ни одговорија дека митинзите и сите други активности за локалните избори ги организираат и одржуваат на отворено, односно почитувајќи ги сите здравствени протоколи за одржување на настани на отворено, не давајќи конкретен одговор дали бараат сертификат за вакцинација.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша и директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) д-р Ирина Сотирова-Бухова каков е протоколот за одржување на митинзи. Директорката ни рече дека постојат протоколи за настани, односнособири на отворено и дека тие не се во ингеренција на ДСЗИ.
Според измените и дополнувањата на мерките на Владата за спречување на ширењето на ковид-19 донесен на 24 август, сертификат за вакциниција или за прележан ковид-19 е задолжителен за секаков вид на настан на отворен простор.
„Според измените се дозволува организирање и одржување на спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, кладилници, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30% од капацитетот на просторот, а на отворено до 50% од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките за заштита од ковид-19, со поседување сертификат за примена на најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. за спречување на ширењето на ковид-19, Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор“, стои во соопштение од 101 седница на Владата.
А. АНТЕВСКА/Б. НЕСТОРОСКА