ИЗБОДЕН ДО СМРТ ПОЛИЦАЕЦ ОД ВЕЛЕС, ПРИВЕДЕНА ПАРТНЕРКАТА СО КОЈА ЖИВЕЕЛ 

    ИЗБОДЕН ДО СМРТ ПОЛИЦАЕЦ ОД ВЕЛЕС, ПРИВЕДЕНА ПАРТНЕРКАТА СО КОЈА ЖИВЕЕЛ Од велешката полиција соопштија дека уапсена е 23-годишната партнерка со која живеел 40-годишниот полицаец под сомнение дека го сторила убиството. (Фото: К.Попов)

    Ноќеска околу 2.15 часот во Велес убиен е полицаец А.Р  откако бил прободен со нож. Убиство се случило во домот на неговата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница.

    „Во 2.30 часот добивме повик за лице прободено со нож на улица Максим Горки број 190. Се работи за маж на 40 години. Нашата екипа излезе на лице место веднаш и констатира насилна смрт, со прободување со нож во граден кош“, кажа д-р Василка Пановска, началник на Итната медицинска помош Велес.

    Од велешката полиција соопштија дека уапсена е партнерката со која живеел убиениот под сомневање дека го сторила убиството.

    „Утрово во 5 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес ја лишиле од слобода П.И.(23г) од Велес поради сомнение дека околу 02.20 часот во семејната куќа на улица Максим Горки со остар предмет му нанела убодна рана на нејзиниот невенчан сопруг А.Р.(40) од Велес, по што починал“, соопшти Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

    Бил извршен увид на местото на настанот и по целосно документирање на случајот против П.И. ќе поднесат соодветна пријава.

    Соседите не слушнале ништо ноќва, кога е сторено убиството.

    „Ништо сомнително не слушнавме, не се случуваше ниту гужва, ниту повици за помош. Тој беше полицаец, живееа заедно 4-5 години, но не беа во брак. Таа работеше во ‘Дрекселмаер‘. Тој живеел во месноста Шорка и ова му била трета жена. Ја малтретираше. Пред некој ден купија санитарија за купатило, по три дена истата беше фрлена во двор и искршена. И децата од маало му пречеа“, велат соседите.

    Од Основното јавно обвинителство во Велес соопштија дека по добиени информации во текот на ноќта, изврши увид во куќата каде е извршено убиство и првичните сознанија  упатуваат на констатација дека смртта кај пронајденото починато лице, настапила по убод со нож во пределот на срцето.

    „По наредба на јавен обвинител, подигнати се траги и предмети од самото место на настанот кои ќе бидат доставени на вештачење, а телото на починатото лице – вработен во СВР Велес, предадено е на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија заради вршење на обдукција. Во текот на денот ќе се изврши испитување на лицето за кое постои сомневање дека е сторител на кривичното дело“, велат од Обвинителството.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира