ГРУПА НАУЧНИЦИ ОТКРИ КУП ГРЕШКИ И ЛАЖНИ ПОДАТОЦИ ВО НИЗА СТУДИИ КОИ ТВРДАТ ДЕКА „ИВЕРМЕКТИНОТ“ Е ЧУДЕСЕН ЛЕК ПРОТИВ КОВИД-19

    ГРУПА НАУЧНИЦИ ОТКРИ КУП ГРЕШКИ И ЛАЖНИ ПОДАТОЦИ ВО НИЗА СТУДИИ КОИ ТВРДАТ ДЕКА „ИВЕРМЕКТИНОТ“ Е ЧУДЕСЕН ЛЕК ПРОТИВ КОВИД-19„Ивермектинот“ досега бил одобрен како лек против ковид-19 во Индија, Јужна Африка, Словачка и во поголем дел од Јужна Америка (Фото: Гети)

    „Ивермектин“ се опишуваше како чудесен лек против ковид-19, особено од противниците на вакцинирањето и е препорачан од здравствените власти во некои земји. Би-Би-Си објави дека имало сериозни грешки во бројни истражувања врз кои што се потпираат неговите промотери.

    Одамна познат како антипаразитски лек, „ивермектинот“ доби нова примена во пандемијата, но здравствените власти во ЕУ, САД и Велика Британија велат дека нема доволно докази за неговата делотворност против ковид-19. Оние кои го промовираа лекот се повикуваа на бројни научни истражувања и често тврдеа дека доказите се игнорираат или прикриваат. Сепак, анализата што ја направи група на независни научници фрла сериозни сомнежи врз овие истражувања.

    Би-Би-Си објави дека повеќе од една третина од 26-те големи тестирања на лекот заради употребата против ковид-19 имале сериозни грешки или елементи на можна измама. Ниту останатите истражувања не дале убедливи докази за делотворноста на „ивермектинот“.

    „Не пронајдовме ниедно клиничко истражување кое тврди дека ‘ивермектинот‘ спречува смрт од ковид-19 што не содржеше или очигледни измислици или грешки толку критични што ја поништуваат студијата“, вели Кајл Шелдрик, еден од учесниците во испитувањето на студиите.

    Меѓу проблемите кои биле утврдени се: податоците за еден пациент биле користени за повеќе различни луѓе, неточно пресметани проценти, докази дека изборот на пациенти за тестирање не бил случаен и бројки кои тешко можат да бидат нормални.

    Од 26-те испитани истражувања, кај пет се пронајдени докази за лажирање на податоците, а кај уште пет имало сериозни пропусти. Авторите на уште 14 студии не ги испратиле своите податоци до групата на независни научници, што за нив бил индикатор за измама.

    За најголемо и најквалитетно објавено истражување за делотворноста на „ивермектинот“ против ковид-19 се смета она на универзитетот „Мекмастер“ во Канада, кое не открило предности на лекот.

    „Ивермектин“ генерално се смета за безбеден лек, иако може да има некои несакани ефекти. Тој досега бил одобрен како лек против ковид-19 во Индија, Јужна Африка, Словачка и во поголем дел од Јужна Америка. Во февруари, „Мерк“, една од компаниите кои го произведуваат лекот, кажа дека нема научна основа за негово можно терапевтско дејство против ковид-19.

    На 5 февруари, македонското Министерство за здравство рече дека лекот „ивермектин“ ќе продолжи да се дава кај ковид пациенти во Македонија, и покрај тоа што производителот на лекови „Мерк“ ден претходно објави дека не лекува ковид-19.

    Во ковид центрите во јавното здравство лекот „ивермектин“ не се употребува при клинички третман на пациенти заболени со ковид-19 вирусот, одговорија на 25 август од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК како одговор на нашето прашање дали овој лек се користи за лекување на ковид пациенти.

    Нема официјални податоци дали „ивермектинот“ се дава во приватните болници.

    Матичните лекари го препишуваат лекот „ивермектин“, за што при крајот на јануари годинава побарале и добиле позитивно мислење од Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија.

    „По барање на пациентите кои сакаа да се лекуваат со ‘ивермектин’, побаравме мислење преку Лекарска комора, од ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија. Беше потпишано од д-р Дејан Докиќ, протокол како да се користи лекот, дека лекот може да се дава на лица позитивни на ковид-19. За ова ги информиравме колегите преку нашата веб страница. Моравме да побараме мислење, оти постоеше опасност, некој да реагира, како и врз основа на што го препишуваме лекот“, кажа на 25 август д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира