Полни кафулиња, ретко кој носи маска, речиси да нема рестрикции, пандемијата како да е завршена во Србија, но реалноста е дека таа моментално ја има највисоката стапка на заразени на светот. Иако располага со различни вакцини против ковид-19, вакцинацијата заглави на 40% имунизирани.
Србија во изминатите две недели има дневен просек од околу 6.500 новозаразени, со стапка од 93,5 заразени на 100.000 жители, што е најмногу на светот. Иако мерките како носење маска во затворено и социјално дистанцирање се задолжителни, нивното почитување е личен избор.
„Не ме загрижува вирусот, го прележав лани и не беше страшно“, вели 20-годишниот студент Марко.
Лекарите ја советуваа владата да воведе построги мерки, вклучувајќи ковид пропусница. Премиерката Ана Брнабиќ ја отфрли оваа идеја, тврдејќи дека е речиси невозможно да се наметне дисциплина.
„Невозможно е да се контролира кој каде влегува, како што е невозможно да се контролира носење маска во затворено. Имаме лек за ова и тоа е вакцина“, кажа Брнабиќ неодамна.
Раде Паниќ, лидерот на лекарскиот синдикат, смета дека построги мерки не се воведуваат зашто Србија ја чекаат локални избори напролет, а и противниците на вакцинирањето имаат големо влијание.
„Антиваксерите направија проблем, но владата не сака да се бори против него поради изборите. Пораката е дека сите сме препуштени сами на себе“, вели Паниќ.
Србија не успеа да ги привлече младите да се вакцинираат. Според Брнабиќ, само 22% од лицата од 18 до 30 години примиле вакцина. Таа смета дека младите во Србија се поинакви и со ковид пропусница нема ништо да се постигне.
Србија во почетокот беше еден од светските лидери во вакцинирањето, обезбедувајќи вакцини и од исток и од запад, но земјата исто така стана плодно тло за дезинформации, потпомогнато од чести корупциски скандали и недостиг на транспарентност.