Конзервативен провинциски градоначалник ќе му се спротивстави на премиерот Виктор Орбан на парламентарните избори во Унгарија следната година. Петер Марки-Зој, партиски неопределен политички аутсајдер, победи на вчерашните избори за заеднички кандидат на опозицијата.
Анкетите за јавно мислење сметаат дека Марки-Зој има најдобри шанси да го собори Орбан, чија партија Фидес е на власт од 2010.
„Сакаме нова, позелена, чесна Унгарија, а не само да ги замениме Орбан и неговата партија“, им порача Марки-Зој на своите поддржувачи во Будимпешта.
Четириесет и деветгодишниот Марки-Зој е посветен католик и татко на седум деца. Тој живеел во САД и Канада, а во политиката се проби во 2018, кога стана градоначалник на јужниот град Ходмезовасархелји, кој дотогаш важел за упориште на Орбан.
Со години, Фидес профитираше од поделеноста на опозицијата во Унгарија и за првпат откако дојде на власт, таа ќе се соочи со обединет фронт на опозициските партии, што ги вклучува социјалистите, либералите и некогашната крајнодесничарска партија Јобик.