Од утре, Општина Центар почнува со претпоследната, петта фаза од реконструкцијата на скопската улица Орце Николов, во делот кај Министерството за одбрана. Како што соопшти Општината, во оваа фаза се предвидува целосно затворање на улицата од крај на фаза 4 до крстосницата со улица Ѓорѓија Пулевски. За време на реализацијата на оваа фаза се забранува паркирањето на дел од улицата Благоја Давков, а возилата што доаѓаат од улицата Франклин Рузвелт се пренасочуваат преку улицата Ѓорѓија Пулевски по останата мрежа.
„Едниот пристап до Министерството за одбрана се затвора и возилата до министерството ќе пристапуваат преку веќе претходно изградениот пристап. Улицата Алберт Ајнштајн се предвидува да биде целосно затворена, со тоа што жителите од истата ќе можат да пристапуваат преку улицата Донбас која е поврзана со улицата Орце Николов, со пристап преку тротоар. Улицата Дане Крапчев е затворена на делот кон крстосницата, за што е поставена соодветна сигнализација и е оставена можност жителите по должина на истата да пристапуваат во слепиот крак“, велат од Општина Центар,
Реализацијата на оваа фаза од реконструкцијата е предвидено да трае 30 дена, а целата улицата би требало да биде готова до крајот на годинава.
Реконструкцијата на Орце Николов почна во март годинава, а на стартот на градежните работи беше најавено дека ќе биде готова до јули. Целиот зафат чини околу 1,2 милиони евра.
А. АНТЕВСКА