Силниот бран на новозаболени од ковид-19 во Бугарија и Романија, двете земји во Европската Унија со најниска стапка на вакцинација, ја разоткри праксата со издавање на лажни сертификати за примена вакцина.
Според Европскиот центар за заштита и контрола на болести, Бугарија има најниска стапка на вакцинација во ЕУ, со 20 отсто целосно вакцинирано население. По неа е Романија, со 29 отсто целосно вакцинирано население. Во Бугарија од 21 октомври почна да расте интересот за вакцинирања, откако Владата одлучи дека е задолжителна ковид пропусница за влез во затворени места.
Лекарите признаваат дека се соочуваат со голем предизвик во лекувањето на ковид пациенти, поради распространетоста на лажните сертификати. Тие се лесни за добивање и тешки за откривање, не се ништо ново во ендемската корупција во двете најсиромашни земји-членки на ЕУ и укажуваат на широко распространетата недоверба кон вакцините за коронавирус.
„Радио Слободна Европа“ ја пренесува приказната на лекарите од Ургентната болница Сибиу во централна Романија, кои кажуваат дека младо момче, кој лежел на Интензивна нега, на смртна постела им признал дека неговиот ковид сертификат бил лажен. Тој не бил првиот пациент кој им признал дека извадил фалсификат сертификат, но бил најмлад.
„Имаме пациенти кои откако ќе ги примиме в болница, нѐ молат да ги вакцинираме. Ние им кажуваме дека штом се примени на Интензивна нега, не може да се преземат превентивни мерки“, вели Јоне Кодру за „Агерпрес“.
Кристијан Оанцеа, менаџер во Клиниката за инфективни болници во Темишвар, западна Романија, беше еден од првите доктори кој јавно проговори за измамите уште во август.
„Кога ќе видиме млад пациент со тешка форма на болеста, веднаш се сомневаме дали воопшто е вакциниран“, вели тој.
Но, со растот на бројките, сѐ повеќе граѓани жалат што извадиле фалсификати сертификати. Марија и Иван, (чиј идентите е познат за редакцијата на Бугарскиот национален сервис), изјавиле дека пролетва платиле 600 лева за лажните потврди, кои им требале за да патуваат во текот на летото во Грција и Франција.
Марија и Иван уште зимата 2020, се заразиле со ковид-19, пред да почне вакцинацијата, и нивниот матичен лекар им рекол да почекаат со вакцините, оти имаат големо количество на антитела.
Во мај, за 24 часа во Софија извадиле лажни сертификати за примени „Фајзер“ вакцини. Првичната цена била по 400 лева за еден документ, но бидејќи се семејство, добиле попуст и за двете платиле 600 лева.
На бугарските социјални мрежи, најниска цена за рекламирање вакви лажни документи е 200 лева, околу 100 евра.
И во Романија лажен сертификат чини околу 100 евра.
Бугарската двојка се надева дека ќе добие вистинска доза, кога ќе биде дозволена трета доза во нивната земја.
„На хартија ќе имаме три дози, но всушност само една. Една е подобра од ништо. Мамевме и се однесувавме навистина глупаво. Го сторивме тоа од страв и малку ароганција“, вели Марија.