БУГАРСКАТА АМБАСАДА ПОБАРА ПОСЕТА НА КАМЧЕВ ВО ШУТКА БИДЕЈЌИ Е БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИН, СУДОТ ДОЗВОЛИ

    БУГАРСКАТА АМБАСАДА ПОБАРА ПОСЕТА НА КАМЧЕВ ВО ШУТКА БИДЕЈЌИ Е БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИН, СУДОТ ДОЗВОЛИОрце Камчев во Кривичниот суд во полициска придружба. (Фото: СДК.МК)

    Пред почетокот на денешното продолжение на судењето за случајот „Плацеви на Водно“, судијата Илија Трпков му кажа на обвинетиот Јордан Камчев дека дозволува посета на 5 ноември во затворот во Шутка, од страна на Герман Ванчев, советник за политички прашања, безбедност и миграција во Бугарската амбасада во Скопје.

    Барањето е од Бугарската амбасада до Министерството за правда. Министерот Бојан Маричиќ дозволил, но морал да го праша Кривичниот суд, односно судијата Иле Трпков. Бугарската амбасада со вербална нота до Маричиќ побарала Ванчев на 5 ноември да го посети во притвор граѓанинот на Република Бугарија Јордан Камчев.

    Во април 2018 година, Бугарија од Македонија побара согласност од македонското Министерство за надворешни работи да го именува бизнисменот Јордан Камчев за функцијата почесен конзул на Република Бугарија, со седиште во Штип. Во јули следната година, Бугарија се откажа од ова барање, поради, како што кажа тогашниот вицепремиер Красимир Каракачанов, реакциите во македонската јавност и противењето на македонската влада.

    Судијата го извести Камчев дека дозволува, исто како и за поранешниот еврокомесар, Словакот Јан Фигел, иако имал само копија од дипломатски пасош.

    Случајот „Плацеви на Водно“ е за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.

    Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.

    Камчев е во притвор од март годинава.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира