Граѓаните кои имаат ЕУ сертификат за вакцинација треба да го обноват бидејќи се појавиле лажни. Како што велат од Министерството за здравство, станува збор за безбедносен протокол за да се спречи користење на лажни ЕУ сертификати, со лажни имиња и лажни податоци. Не станува збор за генерирање или повлекување од употреба на Националниот сертификат за вакцинација, туку за генерирање на ЕУ сертификатот кој исто така може да се преземе на vakcinacija.mk како и CommonPass.
„Сите земји што имплементирале EUDCC се соочуваат со постојани напади на нивните системи од трети, малициозни страни. Меѓу нив е и Република Северна Македонија. Како дел од ваков напад на систем, на 28.10.2021, трети страни успеале да изгенерираат четири лажни ЕУ сертификати, со лажни имиња и лажни лични податоци, а на сертификатот пишувало дека истите примиле вакцина во Република Северна Македонија. Во лажните ЕУ сертификати не беа напишани имиња и податоци на наши државјани. Личните податоци на нашите граѓани се безбедни и нивната сигурност не е нарушена, а воедно, безбедноста на системите е зголемена и активно се следи и подобрува, што придонесува во иднина да се избегне ваков случај“, велат од Министерството за здравство.
Од Министерството за здравство велат дека се во постојана комуникација со тимовите за сајбер безбедност што ја поддржуваат инфраструктурата на EUDCC, ангажирани од Европската комисија. Со цел поништување на лажните сертификати и обезбедување на зголемена заштита, сертификатите на граѓаните на Република Северна Македонија се одново генерирани.