НА ГРАНИЦИТЕ ПАК СЕ ЧЕКА ПО 24 ЧАСА, ИТНО МОРА ДА СЕ СРАБОТИ ТОА ШТО ГО ДОГОВОРИВМЕ, КАЖАА ВУЧИЌ, РАМА И ДИМИТРОВ

    НА ГРАНИЦИТЕ ПАК СЕ ЧЕКА ПО 24 ЧАСА, ИТНО МОРА ДА СЕ СРАБОТИ ТОА ШТО ГО ДОГОВОРИВМЕ, КАЖАА ВУЧИЌ, РАМА И ДИМИТРОВРама, Вучиќ и Димитров најавија дека сериозно ќе се работи да се реализира она што го договориле. (Фото: Фејсбук)

    На граничните премини меѓу Македонија, Србија и Албанија и понатаму транспортерите чекаат и по 24 часа за да ја минат границата. Ова како што рекоа претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Албанија Еди Рама и вицепремиерот Никола Димитров не смее да се случува бидејќи иницијативата „Отворен Балкан“ е токму за да се олесни движењето на луѓето, стоките и услугите.

    „Целата бизнис заедница од трите земји кажа дека сто проценти ја поддржува оваа иницијатива, но она што ние лидерите сме го договориле не се остварува. На граничните премини и понатаму се чека. Оние кои извезуваат млеко од Србија или овошје и зеленчук од Македонија и понатаму чекаат 24 до 30 часа на границите. Фрустрира дека тоа што сме го договориле не се реализира и сега почнуваме да работиме тоа да се исправи. Ќе се работи секој ден, 24 часа на ден и во сабота и недела. Ова не го правиме за нас политичарите, туку за граѓаните“, рече Вучиќ.

    Вицепремиерот Никола Димитров кажа дека ваквата иницијатива и соработка покажува и докажува дека овој регион не создава проблеми туку соработува.

    „Оваа иницијатива ја изразува длабоката посветеност за унапредување на развојот на нашите земји и директни придобивки за граѓаните. Постои силна и јасна политичка волја, а од нашава средба денес очигледно е дека постои и прифаќање на оваа иницијатива од стопанските комори. Следните чекори треба да бидат насочени кон интензивирање на јавната дискусија за ‘Отворен Балка‘ и конкретизирање на оваа доверба на ниво на надлежните институции и испорачување на опипливи резултати во утврдена временска рамка“, кажа Димитров кој во Белград отпатува наместо премиерот Зоран Заев кој по поразот на локалните избори во неделата кажа дека дава оставка од премиер и лидер на СДСМ.

    На состанокот беа усвојување на заклучоци за преземање на конкретни мерки и активности во насока на реализирање на поставените цели односно операционализирање на слободното движење на луѓето, преку меѓусебно признавање на компетенциите и работните дозволи, укинување на граничните контроли за слободно движење на стоки, дигитална трансформација, зајакнување на енергетските капацитети, заемно справување со несреќи и природни катастрофи, проширување на туристичките понуди и бенефиции во регионот. За таа цел, предложено е да се формира независно тело за мониторинг кое што јавно ќе известува за имплементирањето на обврските од иницијативата „Отворен Балкан“ и ќе ги следи ставовите на граѓаните за искористувањето на придобивките.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира