ДВА МЕСЕЦА НЕМА ОДГОВОР ЗОШТО ИЗГОРЕ МОДУЛАРНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО

    ДВА МЕСЕЦА НЕМА ОДГОВОР ЗОШТО ИЗГОРЕ МОДУЛАРНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО ТЕТОВООстатоците од изгорената модуларна болница сé уште се во кругот на тетовската Клиничка болница. (Фото: СДК.МК)

    Изминаа точно два месеца откако на 8 септември веерта во катастрофалниот пожар во модуларната ковид болница во Тетово загинаа 14 лица, 14 беа спасени, а објектот целосно изгоре. Истраги за причините за пожарот вршеа домашни истражители на кои подоцна им се приклучи екипа од германски експерти. Сите нивни сознанија и резултати од истрагите за причините на пожарот требаше да им ги достават на Јавното обвинителство.

    Иако поминаа два месеца, од Јавното обвинителство велат дека сé уште ги чекаат наодите на експертите.

    „Јавните обвинители кои преземаат дејствија во насока на расчистување на причините за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, интензивно постапуваат. Се очекува во обвинителството да пристигнат извештаите од наредените вештачења, меѓу кои и вештачењето од експертите од Република Германија. Откако ќе се приберат материјалните и вербални докази, обвинителите ќе ги разгледаат и анализираат, ќе биде утврдено дали и каде постои кривична одговорност, по што ќе биде донесена и одлука за натамошниот тек на постапката“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

    На несреќата од 8 септември денеска потсетија од движењето „Подобро за Тетово“ и побараа брзо расчистување на случајот.

    „Поминаа 2 месеца од трагедијата во која животот го загубија 14 пациенти и членови на семејствата во модуларната болница во Тетово и од ден денес сè уште нема никаква одговорност, ниту морална, ниту кривична. Тетово и јавноста сакаат да знаат до каде е истрагата? Зошто Обвинителството објави дел од вештачењето на крим-техника без да го покаже извештајот на германските експерти? Досега немаме конкретен одговор дали болницата имала или не систем за противпожарна заштита. Тоа што меѓу жртвите има и членови на семејствата кои биле принудени да се грижат за своите роднини, е уште едно кривично дело за кое обвинителството мора да бара кривична одговорност од управата на болницата. Истрагите треба да се спроведуваат без да се штеди никој, на која и да е државна или партиска позиција“, побараа тетовските активисти.

    Остатоците од изгорената модуларна болница сé уште се во кругот на тетовската Клиничка болница. Просторот е обележан со лента и не се дозволува пристап до објектот сé додека не заврши истрагата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира