ХОЛАНДСКИОТ ПРЕМИЕР МАРК РУТЕ УТРЕ ВО СКОПЈЕ НА СРЕДБИ СО ЗАЕВ И ПЕНДАРОВСКИ

    ХОЛАНДСКИОТ ПРЕМИЕР МАРК РУТЕ УТРЕ ВО СКОПЈЕ НА СРЕДБИ СО ЗАЕВ И ПЕНДАРОВСКИСкопје е последната станица на посетата на Руте на регионот, при што тој беше и во Грција и во Албанија. (Фото: Твитер)

    Холандскиот премиер Марк Руте утре доаѓа во Македонија во првата официјална посета, при што ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски, како и со преставници на младинските граѓански организации, соопшти Холандската амбасада во Скопје.

    Како што велат од амбасадата, Руте со Заев и Пендаровски ќе разговара, меѓу другото, за „добрите односи меѓу Северна Македонија и Холандија, европската соработка, развојот на настаните во регионот и соработката во НАТО“.

    Скопје е последната станица на посетата на Руте на регионот, при што тој беше и во Грција и во Албанија.

    На почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија на 6 октомври, холандскиот премиер Руте кажа дека не е задоволен од бугарската позиција кон Македонија, истовремено блокирајќи го почетокот на преговорите со Албанија. Тој рече дека се надева оти по изборите во Бугарија закажани за 14 ноември ќе биде отстранета блокадата за почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Македонија.

    „Мора да почекаме на изборите во Бугарија, но не сум задоволен од фактот што почетокот на преговорите со Северна Македонија сè уште е блокиран. Мислам дека мора да биде одблокиран во најкус можен рок. Се надевам дека тоа ќе се случи по изборите во Бугарија. Ќе направиме сè што можеме за да го постигнеме тоа“, изјави Руте на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира