Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, кој е фаворит да се врати на премиерското место во Бугарија по изборите в недела, најави дека ЕУ ќе ја принуди Бугарија со финансиски инструменти да попушти за ветото за Македонија и за тоа ја обвини политиката на претседателот Румен Радев.
„За седум месеци ја ликвидираа целата стабилност и Бугарија однадвор изгледа одвратно. Ќе нè принудат со финансиски инструменти и ќе нè принудат да се потпишеме за Македонија, заради ликвидираната политика на Румен Радев“, изјави Борисов во интервју за бугарската телевизија „Нова“.
Во Бугарија изминатите седум месеци има техничка влада, поради неуспехот на партиите да формираат политичка влада, па надворешната политика ја презеде претседателот Румен Радев. Викендов ќе се одржат третите парламентарни избори во Бугарија годинава, а на анкетите овојпат убедливо водство има ГЕРБ, додека Има таков народ, победникот од последните избори има драстично намалена доверба меѓу бугарските граѓани.
Бугарија го блокира почнувањето на пристапните преговори на ЕУ со Македонија поради историскиот спор, а последен пат вето стави на состанокот на Европскиот совет во јуни. До крајот на годината, Европскиот совет има состанок на 16-17 декември.