Обвинителот од Гостивар кој вчера беше прободен со нож бил нападнат бидејќи им блендирал на напаѓачите да се тргнат од патот. Како што соопштуваат од Основното јавно обвинителство во раните утрински часови на 21 ноември, обвинителот со својот автомобил и негов роднина се движел по патот низ селото Чегране, а еден од осомничените бил застанат со автомобилот сред пат пред куќата на другиот осомничен. Во тој момент јавниот обвинител им блендирал со светлата за да го ослободат патот. Откако обвинителот поминал со возилото, осомничените со автомобилот продолжиле да го следат, па кога застанал започнале да го навредуваат и агресивно да се однесуваат затоа што им блендирал.
„Оштетениот им се претставил дека е јавен обвинител и дека доколку има потреба ќе повикаат полиција за да го расчисти настанот. Сите тројца осомничени започнале да го удираат, а малолетникот (17г) од џебот извадил нож со кој му задал убодна рана во задната десна страна од градниот кош. Потоа се обидел да го прободе уште еднаш. Гледајќи дека осомничените имаат намера да го довршат делото и да го лишат од живот, оштетениот извадил пиштол кој го поседувал со дозвола и испукал предупредувачки куршум во воздух со што ги запрел“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против три лица – двајца полнолетни и еден малолетник, кои се осомничени за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 8 во врска со член 19 (во обид) и со член 22 (соизвршителство) од Кривичниот законик. Против двајцата полнолетни соизвршители донесена е Наредба за спроведување истражна постапка, а до Основниот суд во Тетово поднесен е предлог за определување мерка притвор. За малолетникот, пак, постапката ќе се води според Законот за правда на децата.
Судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово го прифати предлогот на јавниот обвинител и на двајцата полнолетни осомничени им определи притвор во траење од по 30 дена.
Тетовското обвинителство ја презеде постапката за да се обезбеди непристрасност на истрагата, со оглед на тоа што оштетениот е јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Гостивар.