Премиерите Зоран Заев и Стефан Јанев не даваат информации за причината на сообраќајната несреќа во која ноќеска загинаа најмалку 45 лица во македонски автобус во Бугарија. На денешната прес-конференција после нивната средба, премиерите рекоа дека не сакаат да коментираат бидејќи експертите кои од рано утрово се на терен треба да ги кажат причините.
„Не би сакале да предизвикаме никакви напријатни чувства и затоа треба да ги оставиме органите кои ја водат истрагата да ги кажат причините за несреќата“, рече Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање како оваа несреќа ќе влијае на односите меѓу двете земји, Заев кажа денеска не е ден за политички теми, но и оваа несреќа покажува дека двете земји се заедно и во добро и во зло.
„Оваа несреќа ќе има позитивно влијание врз нашите односи бидејќи си помагаме меѓусебе, сите институции соработуваат и тоа е пораката дека сме тука, да си помогнеме кога е тешко. Јас се надевам дека Бугарија ќе состави убава, стабилна влада, ние сме подготвени да ги продолжиме разговорите и тука ќе застанам оти денот не е за политичлки теми“, рече Заев.
Тешката несреќа се случи ноќеска пред два часот на магистрала Струма, во близина на Перник. Македонските државјани биле на враќање од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.
Малку по полноќ, автобусот, кој бил последен во колоната, запрел на бензинска пумпа кај Софија, по што го продолжил патот, за еден час подоцна да се случи несреќата.
Во моментов е невозможно ни оддалеку да се знае кои македонски граѓани биле во изгорениот автобус. Во турата имало 4 автобуси превезувани од иста туристичка агенција од Скопје, но постои можност патници да се менувале по желба со местата, од автобус во автобус. Затоа, велат од МВР, не може засега да се зборува за список на загинати патници. Патниците на оваа екскурзија, според неофицијалните податоци, се од повеќе градови од Македонија.
Автобусот е на фирмата „Беса транс“, регистрирана во село Рашче, Општина Сарај, а од изутринава седиштето на фирмата го чува полиција.
- РАНО Е ЗА СПИСОК НА ЗАГИНАТИ, ИДЕНТИФИКАЦИЈАТА ЌЕ СЕ ПРАВИ ПРЕКУ ДНК, ВЕЛАТ ОД МВР ЗА НЕСРЕЌАТА СО 45 ЖРТВИ ВО БУГАРИЈА
- СЕДУМТЕМИНА ПРЕЖИВЕАНИ ГИ СКРШИЛЕ СТАКЛАТА НА АВТОБУСОТ ЗА ДА СЕ СПАСАТ, ЗАГИНАТИТЕ СЕ ДЕЦА И МЛАДИ ЛУЃЕ ОД 25 ДО 30 ГОДИНИ, ВЕЛИ ЗАЕВ ЗА НЕСРЕЌАТА ВО БУГАРИЈА СО 45 ЖРТВИ
А. АНТЕВСКА