Со реализација на проектот за реконструкција на водоводната мрежа, реконструкција на пумпната станица кај село Шум, замена на азбесните цевки и поставување систем за наводнување капка по капка на обработливите површини Општина Струга нема да има проблем со водоснабдувањето, најави струшкиот градоначалник Рамис Мерко. Активностите на овој капитален проект ќе го решат долгогодишниот проблем на стружани кои скоро секоја година со месеци остануваа без вода.
Првата фаза од проектот предвидува реконструкцијата на доводен цевковод за водоснабдување на градот, реконструкција на секундарната водоводна мрежа, а во тек е инсталација на нови пумпи и реконструкција на објектот на пумпната станица во село Шум.
Градоначалникот Рамис Мерко вели дека почетната инвестиција е во вредност од 400 илјади евра обезбедени од Општината, а дополнителни 200 илјади евра ќе се трошат за зафатите со кои ќе се обезбедува вода во руралните средини. Целосното обновување на пумпната станица во Шум ќе биде финансирано од Министерство за транспорт и врски.
„Новата пумпна станица ќе троши помалку струја, а ќе исфрла повеќе вода. Исто така изворите кои се во близина, а кои досега служеа за наводнување на земјоделски површини ќе бидат ставени во функција за водоснабдување“ вели Мерко.
Мерко смета дека со поделбата на водоводот со современи цевки во селата и влезот на Струга, ќе се реши долгогодишен проблем и ќе се заменат азбесните цевки во градот.
„Правиме една почетна, но голема капитална инвестиција со пренасочување на водата со што Струга како град посебно ќе се приклучи на нов цевковод и нема да има повеќе проблеми со водоснабдувањето. Исто така доволни количини делиме за руралните средини така што водата од градот која досега се пушташе во селата сега директно ќе се пушта во руралните средини каде исто така ќе се решат проблемите. Следуваат и зафати за промена на азбесните цевки со што ќе обезбедиме квалитетна техничка и вода за напојување во Струга. Се планира и проект за наводнување капка по капка на 600 хектари обработлива површина со што во наредни 500 години Струга и селата нема да имаат проблем со водоснабдувањето“, објаснува Мерко.
С. ВРЕНЦОВСКА