ВО СТРУШКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА ИМА ПЕТ БОЛНИ ОД КОВИД-19, СТАБИЛНА Е СОСТОЈБАТА ВО РЕГИОНОТ

    ВО СТРУШКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА ИМА ПЕТ БОЛНИ ОД КОВИД-19, СТАБИЛНА Е СОСТОЈБАТА ВО РЕГИОНОТИзминатиов месец, Интерното и Хируршкото одделение во болницата, каде се лечеа болни од ковид-19, се вратија во нормала и работат со редовните пациенти. (Фото: СДК.МК)

    Состојбата со коронавирусот во Струга и околината е стабилна. Само 5 заболени на возраст од 66 до 84 години се хоспитализирани во струшката модуларна болница, а еден од нив е во потешка состојба и е на кислородна поддршка.

    „Ситуацијата е стабилна и моментално располагаме со сите потребни ресурси од аспект на кадар, опрема и капацитети, така што, подготвени сме и за друго сценарио што може да ни следи“, вели Арменд Аслани, директор на Струшката болница.

    Изминатиов месец, Интерното и Хируршкото одделение во болницата, каде се лечеа болни од ковид-19, се вратија во нормала и работат со редовните пациенти.

    Во пресрет на стапување на сила на новите предлог-мерки, кои предвидуваат задолжителна вакцинација на здравствените работници, од менаџментот на Струшката болница велат од вкупно 316 вработени, само 12 не примиле вакцина против коронавирусот.

    „Во нашата установа над 95 % од персоналот е вакциниран, додека останатиот персонал не е вакциниран поради некоја индикација или причина која што нив им е позната, но во секој момент и тие се активни кандидати за вакцинирање кога ќе бидат условите за да ја извршат оваа постапка“, вели Арслани.

    Во Вевчани, исто така има мал број на заболени, а медицинскиот персонал е вакциниран.

    „Во Општина Вевчани и целиот регион кој го покриваме состојбата е стабилна. Последниот бран го издржавме и не беше толку екстремен како претходните. Или има премногу заситеност со вирусот па не може да се шири или вакцинацијата е успешна. Има голема заинтересираност и дневно има од 30 до 40 за вакцинирање со трета доза“, вели Јован Стојковски,директор на Здравствен Дом „Д-р Светозар Чочороски“.

    Од почетокот на пандемијата до денес, во Струга од коронавирусот заболеле вкупно 3.893 лица, а моментално активни се 60 случаи. Во Вевчани има околу 40 заболени, сите со лесна клиничка слика.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира