КОЛА ПАДНА ВО ЕДНО ОД ЕЗЕРЦАТА ВО ГРАДСКИ ПАРК ВО СКОПЈЕ

    КОЛА ПАДНА ВО ЕДНО ОД ЕЗЕРЦАТА ВО ГРАДСКИ ПАРК ВО СКОПЈЕМинувачи утрово ја виделе колата во водата, но во неа немало никој. (Фото: СДК.МК)

    Кола утрово е најдена падната во едно од езерцата во Градскиот парк во Скопје. Возилото е паднато кај новата тартан патека што пролетва ја направи Град Скопје. Mинувачи ја виделе колата во водата, но во неа немало никој. Најверојатно, возилото паднало во каналот од езерцето синоќа.

    Од Министерството за внатрешни работи велат дека се испитува случајот.

    „Утрово е пријавено дека ‘пежо 206’ со скопски регистерски таблички паднало во каналот во Градски парк, кај мостот. Досега нема пријава за повредено лице. Упатени се полициски службеници на лице место“, велат од МВР.

    Во Градскиот парк постојано коли слободно си влегуваат, возат низ патеките и се паркираат во зеленилото. Никаде нема редарска служба или комунлни редари да казнуваат.

    Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска велат дека утрово таа издала налог за целосно затворање на Градскиот парк за автомобили.

    „Ќе се постават заштитни столпчиња и рампи, кои изминатите години биле искршени, а потоа и отстранети. Град Скопје ќе ги преземе сите неоходни мерки за да се оневозможи влез на моторни возила во Градски парк и ќе се воведе дополнителна редарска служба за заштита на зеленилото и реквизитите во паркот“, ни одговорија од кабинетот на Арсовска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира