БИТОЛА ИМА САМО ЕДЕН ИНСПЕКТОР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ТОН ЕКОЛОШКИ ПРОБЛЕМИ

    БИТОЛА ИМА САМО ЕДЕН ИНСПЕКТОР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ТОН ЕКОЛОШКИ ПРОБЛЕМИВо текот на 2021, инспекторот за животна средина извршил 107 инспекциски надзори по пријави од граѓани. (Фото: СДК.МК)

    Битола, еден од градовите со најголеми еколошки проблеми во земјава, има само еден инспектор за животна средина и уште еден соработник. Тие не се во посебно одделение, туку инспекторот работи во Одделението за комунални дејности и инспекција за живота средина, а соработникот во Одделението за урбанистичко планирање и заштита на животната средина.

    Од Општина Битола, каде по октомвриските избори се промени локалната власт, признаваат дека недостига кадар за оваа проблематика и посочуваат дека во тек е функционална анализа врз основа на која ќе следи измена на систематизацијата на работните места заради зголемување на ефективноста во заштитата на животна средина.

    „Согласно надлежностите и опфатот на делување, потребен е поголем број на инспектори и лица кои ќе работат во оваа област, но во моменталната состојба се прават напори за постапување секаде каде што е потребно. Покрај тоа, редовно се извршуваат и работите на Одделението за заштита на животната средина, поврзани со донесување и реализација на програми за заштита на животната средина“, одговорија од Општина Битола на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК како се снаоѓаат во заштитата на животната средина со толку мал број надлежни лица.

    Во текот на 2021, инспекторот за животна средина извршил 107 инспекциски надзори. Од таму велат дека во најголема мера се задоволени, односно е постапувано по пријави од граѓани.

    Советникот од Поинаку Иван Чулакоски, на последната седница на Совет го критикуваше извештајот од инспекцијата за животна средина доставен до надлежната Комисија, дека содржел само 14 зборови. Во него беше наведено дека во 2021 имало 106 инспекциски надзори, од кои 25 вонредни по пријави.

    „Битола, како град можеби со најголемо загадување во Македонија, нема посебна служба за заштита на животната средина, туку е заедно со Одделението за урбанистичко планирање, што мислам дека не е исправно. Ние како Комисија го задолживме инспекторот за живота средина да ни даде извештај колку инспекциски надзори биле извршени и што било затекнато, а извештајот што го добивме содржи 14 зборови. Ако за една општина како Битола која е со најголемо загадување и болни од карцином, добиваме извештаи кои содржат 14 зборови, тогаш да се самораспуштиме“, рече Чулакоски.

    Битола со години страда од загадениот воздух од домаќинствата кои претежно се греат на дрва зашто во градот нема организирано парно греење, од институциите кои се затоплуваат на мазут, индустриски капацитети, а загадена е и водата во реката Драгор, на повеќе места поставени се и табли за забранет риболов.

    Покрај ова, дел од околните битолски села кои имаат сопствени водоводи и не се приклучени на градскиот, пијат неисправна вода. Забранета за пиење е и водата во поголемиот дел од излетничките места на Пелистер.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира