Реката Брегалница кај Делчево се излеа и веќе во опасност се првите куќи. Во текот на ноќта, реката се излеала и ги поплавила пешачките патеки од двете страни на коритото. Клупите и кантите за отпадоци веќе почнуваат да не се гледаат. Станарите од првите куќи будно го следат нивото на реката, а некои жители почнаа да ги преземаат првите мерки за заштита, па полнат вреќи со песок за да прават насипи пред дворовите од своите живеалишта.
„Сè е под контрола и ја следиме состојбата. Нема опасност од излевање. Имаме подготвено вреќи со песок и доколку има потреба ќе ги поставиме“, вели градоначалникпот на Делчево Горан Трајковски.
Подготвена ако е потребно е и Противпожарната единица на Делчево. Дежурните пожарникари кои се на смена велат дека досега тие не интервенирале, ниту имало повик за некаква интервенција во градот. И тие ја следат состојбата. Засега нема некое поголемо излевање на реката и поплавување на најблиските куќи. Но, жителите кои живеат во долниот тек на реката Брегалница на излезот од градот велат дека реката поплавила дел од нивите.
„Ваков водостој на реката Брегалница во Делчево сме имале пред 3-4 години. Добро е што денеска престанаа дождовите кои врнеа неколку дена и ја предизвикаа ваквата состојба“, велат жители од најблиските куќи покрај Брегалница во Делчево.
Слична е состојбата и во Берово, каде Брегалница се заканува да поплави дел од нивите и блиските куќи, но и да ги оштети петте мостови.
„Два од петте мостови се пешачки, а три и за моторни возила. Но, сите се со наноси од дрва и друг отпад што реката ги носи со себе. Нивото на реката веќе го достигнува максимумот. Таква висока кота на реката одамна на сме имале. Дождовите во градот престанаа, но горе во планините сè уште врне па затоа мораме да преземаме превентивни и други конкретни мерки. Даден е налог во чистењето на реката од наноси посебно кај мостовите, да се вклучат специјални багери кои имаат долги вилушкари и можат од далеку да ги отстрануваат надојдените дрвја. Штети имало и во селата. На патот меѓу Владимирово и Мачево срушен е потпорен зид во должина од 15 метри, па се преземаат мерки за расчистување на теренот“, вели градоначалникот на Берово Звонко Пеќевски.
Утрово, граѓаните од Делчево, Берово и соседните градови слушнале од ЈП „ Македонија пат“ и од другите службите апел да внимаваат на патишата кон Виница и кон Макеоднска Каменица, каде на повеќе места има одрони. Има и препорака да се воздржат од патување кон Македонска Каменица и Кочани, каде поради одрони посебно опасно е кај селото Истибање на местото на неколкуте свиоци во клисурата покрај Брегалница, каде вообичаено има чести одрони. Екипите на „Македонија пат“ работат на остранувањето на одроните, но од околните карпи покрај патот има постојано паѓање на помали, но и на поголеми парчиња кои можат да бидат сериозна опасност за возилата.
Т. ЈОВАНОВСКИ