БОЛНИЦАТА „СВЕТИ ЕРАЗМО“ ВО ОХРИД ОД ЕУ ДОБИ АПАРАТ ЗА КОМПЈУТЕРСКО СНИМАЊЕ, ПРВ ВО РЕГИОНОТ ПО ПОЛА ВЕК

    БОЛНИЦАТА „СВЕТИ ЕРАЗМО“ ВО ОХРИД ОД ЕУ ДОБИ АПАРАТ ЗА КОМПЈУТЕРСКО СНИМАЊЕ, ПРВ ВО РЕГИОНОТ ПО ПОЛА ВЕКМинистерот Филипче кажа дека за првпат во регионот се става во функција апарат за магнентна резонанца. (Фото: СДК.МК)

    Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо” во Охрид за првпат после 50 години доби апарат за компјутерско снимање со магнетна резонанца. Вредната донација денеска ја испорачаа министерот за здравство Венко Филипче, амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Македонија Дејвид Гир и амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп.

    Евроамбасадорот Гир, потсетувајќи на донациите во здравството од ЕУ, рече дека земјава имала потреба од апарат за рано дијагностицирање и анализа на болестите, апаратура за магнетна резонанца, оти имало само 8 на ниво на цела држава, односно 25 отсто помалку од ЕУ по глава на жител, а 40 отсто помалку за компјутерска томографија од просекот на такви апарати кои постојат во ЕУ.

    „Оваа опрема ќе направи разлика во начинот на помагање и на превенција на самите болести како и на нивната анализа. Граѓаните од цел овој регион ќе може да дојдат тука за дијагностицирање како и за третман, наместо да одат Скопје. Се надеваме дека Министерството за здравство ќе обезбеди ефикасно одржување и функционирање на сета опрема како и соодветна обука за самиот персонал“, рече Гир и најави дека ЕУ и понатака ќе обезбедува медицинска помош за земјава.

    Министерот Филипче кажа дека за првпат во регионот се става во функција апарат за магнентна резонанца, значаен проект кој е добиен од Европската Унија.

    „Ковидот не значи само прием и лекување на пациенти туку и рана дијагностика и детектирање на постковид компликации. Со ова донација значајно се зголемува пристапот до пациентите до овој тип на снимање и за болести поврзани за ковид, но и некои други болести кои не се поврзани со тоа“, рече Филипче.

    За амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп, овој проект е дел од пошироката посветеност и заложба на ЕУ и нејзините земји членки за подобрување на здравствената состојба во земјава.

    „Испораката на оваа медицинска опрема не само што го подобрува квалитетот за третман на болестите на самите пациенти ,туку и самата брзина на дијагностицирање на болестите“, рече Коп.

    Тој кажа дека од пред 130 години, кога браќата Филипс отвориле компанија за продажба и производство на сијалици во Холандија, до денес компанијата „Ројал Филипс“ има развиено технолошки продукти и се најголемата компанија за производство на медицинска опрема и апарати со најсовремена технологија.

    Со донација од 3,7 милиони евра, апарат за магнентна резонанца добија Охрид, Струмица и Прилеп. ЕУ обезбеди и апарати за компјутерска томографија за Кавадарци, Куманово, Кичево, Гевгелија како и за Универзитетската клиника за Пулмологија во Скопје.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира