Заради зголемување на безбедноста и регулирање на сообраќајот, Општина Центар утринава постави заштитни столпчиња кај фурната „Силбо“ спроти Универзална сала во Скопје. Поставени се 47 столпчиња на средина на улицата Костурски херои, на потегот од раскрсницата со улицата Радњанска до вклучувањето на булеварот Партизански одреди.
„Поставувањето на заштитните столпчиња доаѓа по бројните поплаки од жителите кои пристигнуваат во Општината, а се однесуваат на турканиците и сообраќајниот хаос кој се создава на оваа делница. Со поставувањето на столпчињата нема да може веќе автомобилите да се паркираат на коловозот, ќе се нормализира движењето на улицата Костурски херои и ќе се намали метежот на овој потег“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Герасимовски вели дека дал налог на службите да ги зацврстат жардиниерите на Боемската улица кои гостите ги тргаат за да може пак да се паркираат пред кафеаните.
А. АНТЕВСКА