В. д. директорот на скопскиот Младински културен центар (МКЦ) Русе Арсов поднесе оставка. Вели дека после три и пол години се повлекува од раководењето на оваа културна институција од здравствени причини.
„Вчера беше претежок ден за сите нас. Најпрво, од медиуми дознавме дека сме криминалци и дека има предлог за тоа да бидеме гонети. А потоа и дека наградата за успешното работење изминатиот период е претставена преку намалување на буџетот за програма за 50 отсто“, вели Арсов во соопштението до медиумите за неговата оставка.
Арсов вели дека во три и пол години МКЦ реализираше најубави кинопроекции на кровот на ГТЦ, во паркот, а го направи и најголемото кино на отворено со проекцијата на „Исцелител“ во Градски парк.
„Отворивме нова градска летна сцена во паркот МКЦ, отворивме три графити и стрит арт галерии, а цртавме мурали и во Ибни Пајко. Ја поведовме иницијативата ‘Култура во време на корона‘, која беше пример и поттик и за другите регионални метрополи, МКЦ стана членка на ФИАФ, стана членка на Лајвјуроп. Беше дел од уште неколку европски проекти и програмски соработки, а беше домаќин и на Урсула фон дер Лајен. Секако ги реализиравме фестивалите МОТ, Синедејс, Здраво млади. Ги реновиравме и тоалетите во МКЦ. Само во 2021 и покрај пандемијата преку 650 реализирани настани. Пополека стануваме препознатливи и по поддршката на независната театарска сцена. Ги донесовме Лиза Жерар во Филхармонија, Љубомир Мелник во Пошта. И да, паднавме на Дино Мерлин. Ох судбо клета“, вели во писмото Арсов додавајќи дека МКЦ го остава без загуби и долгови.
Вчера Антикорупциската комисија достави иницијатива за кривично гонење пред Основното јавно обвинителство, бидејќи МКЦ за дочекот на 2020 година не спровел јавна набавка за техничката опрема туку бил распишан јавен повик за организирање новогодишна прослава.
Директорот на МКЦ се избира на конкурс што го распишува Град Скопје.
А. АНТЕВСКА