ВО МОМЕНТОВ НЕМА ПАРИ ДА СЕ РЕНОВИРА И ВНАТРЕШНОСТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ВЕЛИ АРСОВСКА

    ВО МОМЕНТОВ НЕМА ПАРИ ДА СЕ РЕНОВИРА И ВНАТРЕШНОСТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ВЕЛИ АРСОВСКАВо тек се градежните работи за обнова на надворешноста, за што парите беа обезбедени од Владата. (Фото: К. Попов)



    Град Скопје нема пари за втората фаза од реновирањето на Универзална сала. За првата фаза, односно реконструкција на надворешноста, парите беа обезбедени од Владата. За втората фаза, уредување на внатрешноста, требаше да биде распишан нов тендер, да се обезбедат дополнителни средства и градежните работи да почнат годинава.

    Во моментов, според договорот склучен од минатото раководство на Градот, се изведуваат градежните работи за фасадата и куполата на концертната сала, кои треба да завршат напролет. Дали потоа ќе се продолжи со реконструкција на внатрешноста не се знае бидејќи, како што вели градоначалничката Данела Арсовска, Градот нема пари.

    „За втората фаза нема ништо, нема проектна документација. Во овој момент нема ништо околу овој проект, ќе треба да видиме дали ќе бидат обезбедени средства затоа што Градот е презадолжен. За да се прави нешто треба пари“, рече Арсовска.

    Град Скопје лани во јуни почна со реконструкција на Универзалната сала. Проектот е поделен на два дела односно прво се реновира надеворешноста и куполата, а потоа беше предвидено да се прави внатрешноста.

    Со проектот за надворешноста ќе се задржи постојната форма и габарит, односно ќе се зачувува духот на Универзална. Куполата ќе биде зголемeна и навечер осветлена. Се употребат нови материјали на фасадата за таа да биде енергетски ефикасна, а истовремено се зголемува и противпожарната заштита.

    Изведбата на фасадата и покривот чинат 1,8 милиони евра, кои беа обезбедени од Владата. Градежните работи ги изведува фирмата „Универзал Балкан“.

    Универзална сала е затворена  речиси 7 години, односно од 10 март 2015, кога на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината на Заев, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

    Универзална сала е изградена после скопскиот земјотрес како донација на Бугарија и е копија на софискиот циркус.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира