ВЛАДАТА ДА НИ ПОМОГНЕ ОТИ ЦЕНАТА НА МЕТАНОТ НА КОЈ ВОЗАТ НОВИТЕ АВТОБУСИ ДУПЛО ПОСКАПЕ, БАРА ДИРЕКТОРОТ НА ЈСП „СКОПЈЕ“ ИЛИЕВСКИ

    ВЛАДАТА ДА НИ ПОМОГНЕ ОТИ ЦЕНАТА НА МЕТАНОТ НА КОЈ ВОЗАТ НОВИТЕ АВТОБУСИ ДУПЛО ПОСКАПЕ, БАРА ДИРЕКТОРОТ НА ЈСП „СКОПЈЕ“ ИЛИЕВСКИНа метан возат 33 нови автобуси на МАН, а горивото ќе чини 2 милиона евра, вели Илиевски. (Фото: СДК.МК)

    Директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски бара Владата да им даде помош, откако вчера цената на метанот поскапе од 50 на 110 денари. Тој вели дека со ваквата нова цена трошоците ќе се зголемат двојно, што драстично ќе се одрази на работењето со оглед на тоа дека претпријатието е во лоша финансиска состојба.

    „На метан возат 33 нови автобуси на МАН. Лани за нив горивото чинеше околу 1 милион евра, со новата цена ќе требаат 2 милиона евра. Затоа бараме да ни помогне Владата, а Регулаторна комисија да ја замрзне цената на метанот“, вели Илиевски.

    Тој вели дека ако не се исполнат барањата и ако не може ниту Град Скопје да даде дополнителни субвенции, тогаш како последна опција е да се редуцира возниот ред, односно да се задржи зимскиот возен ред.

    „Билетот во никој случај нема да поскапи“, додава Илиевски.

    Во моментов, како што кажа Илиевски, претпријатието има обврски кон добавувачи од околу 240 милиони денари, од кои најголем дел, 180 милиони, се за гориво за двокатните автобуси. Дополнително, од оваа година почнува и исплатата на кредитот земен од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од 10 милиони евра за новите автобуси. Месецов треба да се плати првата транша од 1 милион евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира