ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ ПОЧНУВА НА 12 ЈАНУАРИ СО ДЕФИЛЕ НА МАСКИТЕ И КОНЦЕРТИ

    ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ ПОЧНУВА НА 12 ЈАНУАРИ СО ДЕФИЛЕ НА МАСКИТЕ И КОНЦЕРТИОд Вевчанскиот карневал во 2020. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Со отворање на Мултикултурниот центар „Коста Србаноски“, на 12 јануари во Вевчани започнува традиционалниот Вевчански карневал. Тридневната карневалска манифестација покрај дефиле на маскираните василичарски друштва ќе има и музичка програма и изложба на фотографии и слики од повеќе македонски автори во Мултикултурниот центар, а со огномет ќе се одбележи Новата година според стариот Јулијански календар.

    Градоначалникот Спасе Кочовски најави настап на македонски пејачи, како поддршка на домашните уметници во време на пандемија. Годинава ќе настапат диџеј Фејс, Жаре Бербер, Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски.

    „Иако Свети Василиј годинава е во работен ден, очекуваме голема посетеност како на карневалското дефиле, така и на забавниот дел од манифестацијата. Ќе понудиме добра забава, што ќе ја надополни туристичката понуда на Вевчани. Апелирам до вевчанци и гостите да ги почитуваат препораките за заштита од ковид-19, да држат соодветно растојание и да носат заштитни маски“, вели Кочовски.

    Во земјава, изминатава недела по Нова година во ек е нов голем бран на зараза со коронавирусот, со новиот сој омикрон кој се шири многу побрзо и има на 9.200 активни болни. Во Струга во моментов се активни 53, а во Охрид 373 болни од ковид-19.

    Вевчанскиот карневал e еден од најпознатите карневалски манифестации на Балканот, стар колку и самото Вевчани. Вевчанци живеат за карневалската ноќ со што се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар, на 13 и 14 јануари. Василичарските друштва ја одбележуваат симболиката преку маските на сатиричен начин да упатат силни пораки кон општеството и политичарите.

    За Вевчанскиот карневал вевчанци ги подготвуваат маските преку цела година, а се верува дека со нив се бркаат злите духови и се посакува бериќетна година. Манифестацијата завршува на 14-ти јануари, со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.

    Оваа културна и туристичка атракција со години привлекуваше и до 10.000 посетители во Вевчани. Лани, поради пандемијата со коронавирусот, традицијата под маски се одржа без организација, гости, концерти, изложби и забави. Василичарските друштва маскирани дефилираа под силно полициско обезбедување, но поради непочитување на мерките за заштита дојде до судир помеѓу полицијата и маскираните вевчанци. Полицијата се обиде да спречи групирања при што маскираните жители се спротиставија со вербални напади.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира