Машкото бебе, разделено од родителите во хаосот на американската евакуација од Авганистан, конечно се врати во своето семејство. Лани во август, Талибанците штотуку ја беа презеле контролата врз земјата и многу Авганистанци очајнички се обидуваа да побегнат. Двомесечниот Сохаил Ахмади беше предаден на американски војник преку ограда, за да биде заштитен додека илјадници туркаа да влезат на аеродромот во Кабул.
Но, откако неговото семејство влезе внатре, Сохаил го немаше никаде. По избезумената, но залудна потрага по новороденчето, неговиот татко Мирза Али Ахмади, кој работел како чувар во американската амбасада, мајката Сураја и нивните четири други деца биле евакуирани во САД. Со месеци не знаеле каде е нивниот мал син.
Но, откако го прочитале извештајот на Ројтерс за потрагата на семејството по Сохаил, во ноември тој бил пронајден во домот на 29-годишниот таксист Хамид Сафи. Сафи рече дека го нашол Сохаил сам и расплакан на земја на аеродромот. Откако се обидел да го најде семејството на момчето, тој решил да го однесе дома кај сопругата и децата и да го одгледа како свој син. Го крстиле новороденчето Мохамед Абед и објавија слики од сите деца заедно на фејсбук страницата на Сафи.
Кога беше потврдена локацијата на Сохаил, дедото на бебето, Мохамад Касем Разави, кој живее во североисточната провинција Бадакшан, отиде на долг пат до Кабул за да побара детето да му биде вратено. Сепак, Сафи одбил да го предаде бебето и побарал тој и неговото семејство да бидат евакуирани во САД, објави Ројтерс.
По седум недели преговори – и кратко приведување на Сафи – талибанската полиција договори спогодба меѓу двете семејства и вчера бебето му беше вратено на неговиот дедо, објави Ројтерс. Неговите родители рекоа дека биле пресреќни откако ги виделе заедно преку видеоразговор.
„Има прослави, танцување, пеење, како свадба“, рече Разави.
Тие се надеваат дека наскоро ќе се договори Сохаил да им биде донесен во американската сојузна држава Мичиген, каде што сега живеат.