ЗЕМЈОТРЕСОТ ОШТЕТИ УЧИЛИШТА И ГРАДИНКИ ВО БИТОЛА, ОПШТИНАТА ФОРМИРА КОМИСИЈА ЗА ПРОЦЕНКА НА ШТЕТИТЕ

    ЗЕМЈОТРЕСОТ ОШТЕТИ УЧИЛИШТА И ГРАДИНКИ ВО БИТОЛА, ОПШТИНАТА ФОРМИРА КОМИСИЈА ЗА ПРОЦЕНКА НА ШТЕТИТЕЌе биде формирана Комисија за проценка на штети која ќе излезе на терен и ќе направи увид врз оштетувањата кои ќе бидат исплатени со средства најверојатно од ребаланс на буџетот.(Фото: СДК.МК)

    Серијата земјотреси кои во текот на ноќта ја зафатија Битола предизвикаа оштетувања и во објекти од училишта, градинки и други институции. Во Техничкото училиште има испукани ѕидови, а затворена е градинката „Качунка“ поради оштетувања на ѕидовите во занималните.

    Директорката на градинката Снежана Тодоровска вели дека има пукнатини на ѕидовите и изронет малтер, па просториите не се безбедни за престој на деца. Ќе се обидат во најскоро време да ги санираат, а дотогаш децата се префрлени во други групи.

    Земјотресот предизвика оштетувања и во зградата на Клиничката болница Битола, но објектот е стабилен и нема трансфер на болни по други здравствени установи. Оштетувања има и во индивидуални куќи, како и во згради. На земјотресот поотпорни излегоа постарите згради, а дел од новите градби испукаа.

    Од Општина Битола соопштија дека ќе биде формирана Комисија за проценка на штети составена од експерти која ќе излезе на терен и ќе направи увид врз оштетувањата кои ќе бидат исплатени со средства најверојатно од ребаланс на буџетот.

    „Тоа ќе биде стручна комисија, а во контакт сме со Владимир Шешов директор на Институтот за земјотресно инженерство во Скопје кои ќе бидат како советувачи во состав на комисијата доколку има поголеми штети на терен. Заклучивме дека комисијата мора под итно да се формира. Се надеваме дека проценките во најбрз рок ќе се направат. Ако треба и две комисии ќе се формираат, но од она што го видовме се работи за помали оштетувања. Апел до граѓаните сите штети што ги имаат да ги достават до Општината за што ќе биде објавен телефонски број или местото каде што ќе можат да пријават“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

    Советниците во Советот на Општина Битола до Владата ќе достават барање за одржување на итна седница за да ја разгледаат состојбата и да се помогне.

    „Владата да излезе во пресрет. Не знаеме колкави се штетите на терен. Но, во Битола имаме големи институции, градинки, болници, индувидуални живеалишта и објекти кои се под заштита и сметам дека можеби таму ќе има потреба од големи финансиски средства кои ќе треба да се предвидат бидејќи самата реконструкција ќе чини повеќе, дел се стари градби“, велат советниците.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира