Австралиските гранични власти истражуваат дали Новак Ѓоковиќ дал лажна изјава во Австралиската патна декларација, документ што задолжително се пополнува при влез во земјата. Таму е наведено дека тој не патувал никаде 14 дена пред доаѓањето во Австралија на 6 јануари, но од социјалните мрежи се дознава дека во тој период бил во Србија и Шпанија.
Според весникот „Сиднеј хералд морнинг“, Ѓоковиќ рекол дека Тениската федерација на Австралија ја пополнила декларацијата во негово име и нејасно е дали ова му оди во прилог. Весникот потсетува дека давањето погрешни информации во овој документ се смета за сериозен прекршок, кој се казнува.
Најдобриот светски тенисер сè уште е во неизвесност дали ќе игра на Отвореното првенство на Австралија, кое почнува в понеделник, иако федералниот суд во Мелбурн вчера ја укина одлуката да му се поништи визата и нареди негово пуштање од имиграцискиот притвор. Министерот за имиграција располага со дискреционо право да поништи чија било виза и да го депортира Ѓоковиќ, но тој сè уште не се огласил по ова прашање.
Откако излезе од притворот, Ѓоковиќ тренираше во арената „Род Лејвер“ во Мелбурн. Тој доби дозвола за медицинско изземање од вакцинирањето против ковид-19, што му овозможува да влезе во Австралија и да игра на турнирот.