Во болниците моментално лежат 340 болни од ковид-19, од кои 19% се вакцинирани, а 81% не се вакцинирани, соопшти Министерството за здравство. Изминативе неколку недели додека се шири сојот омикрон, притисокот врз болниците е намален за хоспитализации, но зголемени се амбулантските прегледи кои се движат и до стотина пациенти на ден од болница.
Во периодот од 6 август 2021 до 13 јануари, во земјава се позитивни 85.593 лица од тестирани на ковид-19, од кои 37% биле целосно вакцинирани, односно 32.079, а 53.514 односно 63% не биле вакцинирани.
Според анализата, во истиот период 78% од починатите лица со ковид биле невакцинирани, а 22% примиле вакцина. Починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.
Од Министерството за здравство апелираат на помасовна вакцинација, како единствен начин да се избегне зараза или тешки форми на болеста.
Вчера имаше 1.865 заразени од ковид-19 од 6.173 тестови, или 30 отсто од тестираните, а активни се 14.545 болни.
Ж. ЗДРАВКОВСКА