Две лица биле присутни во објектите кога избувнал пожарот во мелничко- пекарскиот капацитет „Жито Битола“ во Битола, но навреме успеале да избегаат и според првичните податоци, нема жртви во големиот пожар. Огнот веќе го изгоре покривот од главната зграда на капацитетот, а гори и највисокиот кат.
Пожарникарите се обидуваат да го локализираат огнот да не се прошири на околните објекти кои се дел од некогашната мелничко-пекарска индустријата „Жито Битола“, а пред сè да не дојде до силосите со жито. Во гаснењето вклучени се девет возила и 27 пожарникари, а градоначалникот Тони Коњановски кажа дека понудена е помош од други градови и државни институции.
„Зафатен е стариот објект на ‘Жито Битола’ со кој стопанисува ‘Ангро механизација- Жито Битола‘ во чиј состав има пекара, млин и силос. Побарана е помош од РЕК Битола која испрати протоивпожарно возило. Понудена е помош од Кавадарци, разговарано е со директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Се надевам дека ќе се локализира во границите на старата зграда. Тоа е стара конструкција, но новите сопственици нешто реновирале“, рече Коњановски.
Рано е да се каже што го предизвикало пожарот, но има две верзии. Според едната започнал од пекарата, а според другата од покривот.
„Жито Битола“ во социјализмот, а и во годините на транзиција, беше еден од најголемите фабрички капацитети во Битола. Но отиде под стечај, а во последните години приватници купија дел од фабричките објекти и го рестартираа производството на леб и брашно. Во вечерашиот силен пожар изгореа делови од главната зграда која постоеше повеќе од половина век.
Ж. ЗДРАВКОВСКА