Во отсуство на Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал в недела ќе може да испише историја и да ја освои рекордната 21. гренд слем титула. Неговиот противник во финалето на Отвореното првенство на Австралија ќе биде Данил Медведев.
Триесет и петгодишниот Шпанец го совлада Матео Беретини со 6:3, 6:2, 3:6, 6:3 и се пласираше во своето 29. гренд слем финале, што следува само неколку месеци по повредата на стапалото, поради која мислел дека неговата кариера е завршена.
„Лани поминав низ многу предизвикувачки моменти. Долго време воопшто не можев да тренирам и имав многу разговори со мојот тим и моето семејство околу тоа дали можеби е време да кажам збогум. Навистина сум изненаден што и натаму можам да играм тенис на ова ниво“, изјави Надал, кој има само една титула од Мелбурн, од 2009 година.
Светскиот рекет број два Медведев лани изгуби во финалето од Ѓоковиќ и сега има можност да ја освои втората гренд слем титула во низа, откако славеше на Ју-Ес опен. Тој во полуфиналето го победи Гркот Стефанос Циципас со 7:6, 4:6, 6:4, 6:1.
„Ќе играм против еден од најголемите, кој оди на својата 21. гренд слем титула. Мислам дека и Новак ќе го гледа мечот“, изјави Русинот.
Утре во женското финале ќе играат Австралијката Ешли Барти и Американката Даниел Колинс.