НЕМА КОЈ ДА ЈА ЗАШТИТИ ЦРКВАТА ВО МАТЕЈЧЕ, ПА КРАДЦИТЕ ГИ ДОИЗВАДИЛЕ ОЛОВНИТЕ ПЛОЧИ ОД КРОВОТ

    НЕМА КОЈ ДА ЈА ЗАШТИТИ ЦРКВАТА ВО МАТЕЈЧЕ, ПА КРАДЦИТЕ ГИ ДОИЗВАДИЛЕ ОЛОВНИТЕ ПЛОЧИ ОД КРОВОТИако уште пред еден месец беше пријавено дека крадци го вадат оловото од кровот, ни црквата ни државата не преземаа ништо да го обезбедат објектот, па арамиите се вратиле да го украдат она што останало. (Фото: СДК.МК)

    Нема кој да ја заштити црквата „Успение на Пресвета Богоридица“ во манастирскиот комплекс Матејче во Општина Липково, па продолжува нејзиното уништување. Иако уште пред еден месец беше пријавено дека крадци го вадат оловото од кровот, ни црквата ни државата не преземаа ништо да го обезбедат објектот, па арамиите се вратиле да ја довршат работата и да го украдат она што останало.

    Ловџиите, кои и минатиот пат ја открија и алармираа за кражбата, истото го виделе и утринава.

    „Го извадиле оловото и на вториот свод, останало само на куполата. Таму каде што не можеле лесно да ги откорнат плочите ги ваделе со копач. Уште им стои скалата на која се качувале, ја врзале со јаже за да не им падне. Ќе се вратат да ја довршат работата, нема кој да им смета“, велат револтирано ловџиите, кои ни ги пратија сликите.

    Тие ќе го пријават случајот во полиција, но се сомневаат дека нешто ќе се преземе, бидејќи така било и минатиот пат.

    Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е прогласена за културно наследство во опасност од минатата година, но државата и покрај најавите не направи ништо за нејзина заштита и промоција.

    Уште им стои скалата на која се качувале, ја врзале со јаже за да не им падне. Ќе се вратат да ја довршат работата, нема кој да им смета, велат револтирано ловџиите кои ја открија крабата. (Фото: СДК.МК)

    „Прашуваме јавно како може надлежните институции и полицијата да го игнорираат дивеењето на поединци и да не преземат ништо да го заштити културното наследство на државата. Локалната и шумската полиција знаат кој оперира на тоа подрачје, а може да направи проверка и по складовите за отпад и да се најде оловото. Секојдневно се зборува за меѓуетнички соживот и толеранција, почитување на различните култура, но за ова свето место тоа не важи“, вели член на црквениот одбор.

    Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е изградена 1362 година, а нејзин ктитор е цар Душан. Таа во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14 век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек-дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите.

    Црквата е еден од најзначајните објекти во Македонија и нејзината грандиозна и велелепна архитектура може да се спореди само со црквата „Света Софија“ во Охрид. Меѓутоа, црквата се ноаѓа во очајна состојба откако во неа беше сместен штабот на УЧК во 2001. Во воениот конфликт голем дел од црквата беше уништен, фреските оштетени, а одмаралиштето разурнато и запалено.

    Македонските политичари црквата ја посетуваат само за празникот „Мала Богородица“ во септември, а многумина од нив биле и кумови на славата, но нема конкретни залагања од локалните и државните власти да помогнат да заживее манастирскиот комплекс и да се обнови одмаралиштето за деца.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира