Ортопедското одделение во Клиничката болница во Штип континуирано е полно со пациенти од цела Источна Македонија, а Ортопедската амбуланта е секојдневно е полнa со повредени луѓе кои имаат фрактури на екстремитетите или други ортопедски болести. Раководителот на Одделението за ортопедија д-р Зоран Шишков, вели дека имаат пациенти и од другите региони, како од Неготинско чии амбуланти немаат ортопеди, па доаѓаат на прегледи и на лечење во Штип, а немаат доволно доктори.
„По заминувањето на двајца специјалисти во пензија, Ортопедското одделение во Штип остана само со четворица доктори, а обемот на работа бара најмалку 10 специјалисти“, вели д-р Шишков.
Тој му забележува на Министерството за здравство на нееднаквиот третман на Ортопедските одделенија и служби во клиниките по градови и го споредува расположивиот буџет што го добива Ортопедското одделение во Штип со, на пример, она во Тетово.
„Во Штип имаме обем на работа за неколку пати повеќе од ортопедија во Тетово која ги праќа пациентите во Скопје, а за некои зафати, доктори од главниот град одат во Тетово на операции. Наспроти големата разлика на извршената работа, ортопедија во Тетово добива за четири пати поголеми средства за извршување на дејноста, што воопшто не е стимулативно и за кадарот и за адекватно покривање на трошоците и за обезбедување на апаратура и ортопедски помагала за пациентите. Тоа мора да се смени“, вели д-р Шишков.
Кога ја посетивме ортопедската амбуланта во Штип, дежурен ортопед беше д-р Сашо Ценов . По извршената визита и хирушки интервенции на Одделението, докторот премина на работа во амбулантата каде го чекаа над 70 пациенти.
„Сите колеги сме во иста ситуација и сите имаме голем број прегледи и дневни интервенции. Бројот варира, но сепак е многу голем и принудени сме до доцните попладневни часови да ги вршиме амбулантските прегледи. Истовремено, мораме да се бориме и со ковидот и во таа гужва од пациенти да ги спроведуваме ковид протоколите“, вели д-р Ценов.
Најмногу пациенти има од Радовиш, Берово, Делчево, Пробиштип и соседните градови кои знаат дека во Штип има развиена ортопедија, а доаѓаат и за операции, најчесто на колковите.
„Покрај сите редовни и секојдневни прегледи и контроли, имаме голем број и хируршки зафати. Операциите се секојдневни. За колковите се закажуваат, но мораме да правиме зафати и на итните случаи од сообраќајќи, спортски повреди или разни незгоди дома или на работа“, вели д-р Шишков.
Т. ЈОВАНОВСКИ