Во Тетовскиот Регион имаше мал интерес за имунизација уште од почетокот кога започна вакцинирањето против ковид-19. Потоа еден период лани, кога за влез во јавните објекти мораше да се покаже сертификат за примена вакцина, интересот нагло се зголеми но во последниве неколку недели, според кажувањето на докторите од Центарот за јавно здравје, повторно може има слаба заинтересираност за вакцинирање, посебно за првата доза.
„Во последниов период се забележува нагло намалување на интересот на граѓаните за вакцинирање. Само последнава недела вкупно се вакцинирани 500-600 лица и тоа се однесува за лица кои примиле прва, втора и трета доза од вакцината. Од нив најмногу се оние кои дошле да примат трета доза од вакцината и за неа во овој момент има најголем интерес, додека за прва доза од вакцината, посебно кај популација под 30 години интересот е многу намален. Минатата недела, само околу 18 проценти од овие околу 600 лица кои примиле вакцина отпаѓаат на лицата кои првпат се вакцинираат. Во Тетовскиот Регион досега со прва, втора или трета доза се вакцинирани над 58 проценти од населението, а се ставени над 160.000 вакцини“, вели Д-р Бесник Мустафаи од вакциналниот пункт при Центарот за јавно здравје и додава дека најголем интерес има за третата доза вакцина.
Од Ковид-центарот при Клиничката болница во Тетово велат состојбата во изминатиов месец е стабилна и дека нема зголемување на бројот на заболени и на хоспитализирани.
„Сега, иако сме во ситуација дека покрај ковидот имаме и сезонски грип, бројот на амбулантните прегледи се намалува. Во изминативе 24 часа имаше само 28 амбулантски прегледи, а од прегледаните кај ниту еден не беше констатиран ковид-19, а додека минатата недела од сите прегледани само кај 4 проценти бил констатиран ковид-19. Во овој момент, во Инфективното одделение имаме хоспитализирано 11 пациенти и сите се на кислородна поддршка. Пациентите се на возраст од над 40 години. За време на викендов имаше двајца починати, на околу 60 и на околу 90 години“, вели д-р Хасан Илјази од Ковид-центарот.
З. АНДОНОВ