ПОЧИНА МИЛАН ВЛАЈЧИЌ, ЛЕГЕНДАРНИОТ СРПСКИ ФИЛМСКИ КРИТИЧАР

    ПОЧИНА МИЛАН ВЛАЈЧИЌ, ЛЕГЕНДАРНИОТ СРПСКИ ФИЛМСКИ КРИТИЧАРВлајчиќ пишуваше буквално до последниот ден, за порталот и дневниот весник Нова. (Фото: НОВА.РС)

    Легендарниот српски новинар, писател, литературен и филмски критичaр Милан Влајчиќ ненадејно почина синоќа во Белград. Имаше 83 години, и буквално до последниот ден пишуваше и објавуваше, на порталот и дневниот весник Нова, каде последните две години беше ангажиран како филмски и литературен критичар.

    „Во новинарството влегов за да се занимавам со култура. Таа е и единствената што преживеа. Од мојата генерација, па и од претходните, кога почна политичкиот пресврт од 1990-тите, сите што се занимаваа со политички и економски теми – потонаа затоа што беа инструментализирани и злоупотребени. Имаше и такви во културата кои мислеа дека можат да направат некој ќар. Тие се измамија. Кој сакаше да остане искрен – остана. Јас сум меѓу нив. Кој се занимава со култура, тој е во допир со големи вредности“, рече Влајчиќ во неодамнешно интервју.

    Од 1970 година како новинар и уредник на дневниот весник „Политика“ пишувал театарска, телевизиска и радио критика, а од 1985-2004 беше постојан филмски критичар на тој весник. Од 2004-2017 беше филмски критичар и културен коментатор за дневниот весник „Блиц“. Тој е еден од основачите и првиот претседател на Судот на честа за новинарство во Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС), член на Српското книжевно друштво (СКД) и на Српскиот ПЕН Центар, и на Меѓународното здружение на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Бил член на меѓународни жирија на филмски фестивали во Кан, Берлин, Венеција, Монтреал, Виена, Минхен, Краков и Монпелје, меѓу другите. Автор е на над 20 книги.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира