Претседателот Володимир Зеленски ги повика Украинците да бидат единствени и да веат знамиња и да ја пеат химната на 16 февруари, ден кога, според некои западни медиуми, ќе почне руската инвазија. Од украинската влада нагласуваат дека Зеленски не предвидува дека утре ќе почне нападот, туку одговара скептично на извештаите на некои странски медиуми.
„Ни велат дека 16 февруари ќе биде денот на нападот. Ние ќе го направиме ден на единството. Се обидуваат да нè заплашат со објавувањето датум на стартот на воената акција. На тој ден, ние ќе ги вееме нашите национални знамиња и ќе му го покажеме на светот нашето единство“, кажа Зеленски во видеопораката до нацијата.
Иако верува дека Русија ѝ се заканува на Украина, Зеленски смета дека западните сили претеруваат кога предупредуваат дека инвазијата може да се случи во секое време, сметајќи дека така само се шири паника и ѝ се штети на украинската економија. Тој со декрет ги повика сите села и градови во Украина да истакнат знамиња утре, а целата нација да ја пее националната химна во десет часот по локално време.
Американските официјални лица велат дека не го предвидуваат точниот датум на инвазијата, туку само ги повторуваат предупредувањата дека наскоро би можела да почне.
„Не би зборувал за датуми, мислам дека тоа не е паметно. Само велиме дека Путин би можел да тргне без или со малку предупредувања“, кажа портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Државниот секретар Ентони Блинкен вчера нареди целосно затворање на американската амбасада во Киев, зашто, како што кажа, Русија драматично го забрзува трупањето на своите сили покрај границата.