НАТО денеска ја обвини Русија дека го засилува своето воено присуство на границата со Украина, наспроти тврдењата на Москва дека ги повлекува трупите и е отворена за дипломатски разговори. На стартот на дводневниот состанок на министрите за одбрана на земјите-членки, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кажа дека не е убеден дека заканата од Русија се намалила.
„Сè уште не сме виделе никакво повлекување на руските сили. Тоа е контрадикторно со пораките за дипломатски напори. Она што го гледаме е зголемувањето на бројот на руските трупи, а уште трупи доаѓаат. Сега-засега, нема знаци на деескалација“, изјави Столтенберг.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно предупреди дека повеќе од 150.000 руски војници и натаму се распоредени близу границата со Украина. Русија денеска објави дека ги повлекува своите трупи од Крим откако завршиле со воени вежби.
„Работиме напорно за да се постигне мирно политичко решение, но се подготвуваме и за најлошото, а тоа е руска инвазија на Украина. За да има деескалација, Русија мора да ги повлече сите свои трупи“, кажа Столтенберг.
Се верува дека НАТО ќе испрати дополнителни 4.000 војници и опрема во Романија, Бугарија, Унгарија и Словачка, како одговор на руската закана кон северот, истокот и југот на Украина.