По наредби на обвинители од Белгија Холандија и од Македонија (на наш обвинител за организиран криминал), полицијата во трите држави уапсила вкупно 18 лица, за производство на марихуана, за перење пари од профитот и за недозволено држење оружје.
Уапсени се македонски државјани, од кои двајца на наша територија. Во уапсената група има и други македонски државјани кои не живеат овде, но и Холанѓани, Белгијци и Бугари.
„По барање за меѓународна правна помош, под раководство на предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес од раните утрински часови се спроведуваше кооординирана акција на шест локации на територијата на Скопје при што се лишени од слобода две лица. Во исто време се спроведени и акции во Белгија и Холандија од тамошните истражни органи“, соопшти Обвинителството.
Предметниот обвинител од Организиран криминал, неофицијално, е Трајче Пеливанов од поранешното СЈО, кој беше еден од тројцата обвинители во предметот „Тврдина-Таргет“. Тој, вели обвинителството, ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двете лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело.
„Според добиеното Барање за меѓународна правна помош, под раководство на белгиски истражен судија се спроведува истрага за криминална организација која меѓудругото се занимава и со неовластено одгледување на канабис и продажба на наркотична дрога. Од дејствијата на Истражниот судија и Федералната судска полиција на Западна Фландрија, утврдено е дека поголемиот дел од членовите на организираната криминална група се македонски државјани или потекнуваат од нашата држава, а останатите се од Холандија, Бугарија и белгиски државјани“, вели ОЈО ГОКК.
Групата на неколку плантажи во Белгија неовластено одгледувала канабис од 1 јануари 2020 година, а веројатно и порано. Секој член на криминалната група имал своја улога во криминалната организација (одржување на насадите на плантажите, продажба, транспорт, одржување на локацијата за одгледување на марихуаната, плаќање на сметки за комунални услуги со лажни патни исправи итн). Осомничените македонски државјани периодично биле на релација Белгија и Холандија – Република Северна Македонија со оглед дека во матичната земја имаат оформено свои семејства.
Воедно, тамошната истрага утврдила дека осомничените дел од парите стекнати со кривично дело ги носат во РС Македонија, а со дел купуваат недвижен имот на Белгискиот пазар на недвижности.
Во акцијата биле запленети парични средства, оружје, возила и златен накит, како и докази од трансакции на големи суми на пари на банкарски сметки.
За уапсените ќе се бара притвор. Воедно, обвинителството најавува дека ќе побара и привремено замрзнување на имотот на осомничените лица.
Во исто време во акцијата во Белгија од слобода се лишени 11 лица и е извршен претрес на 20 локации, а во Холандија при претрес на пет локации биле уапсени пет лица. Меѓу уапсените лица во Белгија и Холандија има и македонски државјани.
Елктронското издание на белгискиот весник „ХЛН“ денеска пишуваше за големата акција.
„Во голема акција, полицијата откри неколку плантажи со канабис во Варегем, Ронсе, Шерпенховел-Зихем, Мортсел и Контич, сите заедно погодни за над 3.300 растенија. Претреси на куќи имаше и во Холандија и Северна Македонија. Во Холандија и кај нас се уапсени вкупно дванаесет лица. Две лица се уапсени во Северна Македонија.Топката почна да се тркала по контролната акција на полициската зона Мира (Варегем, Анзегем, Авелгем, Спиер-Хелкијн и Цвевегем). Федералната судска полиција отвори истрага за можна трговија со дрога, која ги одведе истражителите до врвот на македонската организација“, пишува весникот како тргнала целата работа.
Полицијата, исто така, извршила претрес и на компанија за изнајмување автомобили во Антверпен која систематски им изнајмувала возила на осомничените. Истражувањето се прошири многу подалеку од националните граници. Покрај претрес на куќа во станбен парк во Холандија, рации имало и во Северна Македонија. Таму се пронајдени 12.000 евра готовина и траги од големи парични влогови на сметки, како и воено и мало оружје. Следеа две апсења, наведува медиумот.
С. К. ДЕЛЕВСКА