ВИСОКАТА СТАПКА НА ВАКЦИНАЦИЈА НИЗ ЕВРОПА ГИ УКИНУВА КОВИД МЕРКИТЕ, ТАМУ ОМИКРОН НЕ ГИ ПРЕПОЛНУВА БОЛНИЦИТЕ

    ВИСОКАТА СТАПКА НА ВАКЦИНАЦИЈА НИЗ ЕВРОПА ГИ УКИНУВА КОВИД МЕРКИТЕ, ТАМУ ОМИКРОН НЕ ГИ ПРЕПОЛНУВА БОЛНИЦИТЕОд следниот петок, ноќните клубови, барови и ресторани во Холандија повторно ќе работат со полн капацитет (Фото: Гети)

    Европските држави продолжуваат да ги укинуваат или олеснуваат коронамерките, иако бројките и натаму се релативно високи. Државите почнаа да го менуваат пристапот кон пандемијата откако се увиде дека сојот омикрон не доведе до пораст на бројот на хоспитализации.

    Охрабрени од високата стапка на вакцинација и стекнатиот имунитет во населението, Шведска, Данска и Норвешка меѓу првите ги укинаа сите коронамерки, тврдејќи дека коронавирусот веќе не е голема здравствена закана.

    Целосно отворање на земјата прогласи и Велика Британија.

    Во Швајцарија, единствените рестрикции од денеска ќе бидат петдневна изолација по позитивен тест и носење маска во јавен превоз и здравствени установи.

    Франција во средата ги отвори ноќните клубови за првпат по три месеци. На 28 февруари се укинуваат маските во затворените јавни места за кои се бара ковид пропусница, како што се ресторани, кина и теретани, но и натаму ќе мора да се носат во јавен превоз и продавници. Министерот за здравство Оливије Варан кажа дека мерките целосно би можеле да бидат укинати во средината на март.

    Холандија следниот петок се враќа во „речиси нормалното“. Од 25 февруари, ноќните клубови, барови и ресторани во Холандија повторно ќе можат да работат со полн капацитет до еден часот. Маските ќе се носат само во јавен превоз и на аеродромите. „Земјата повторно се отвора“, кажа министерот за здравство Ернст Кујперс.

    Германија вети „ден на слободата“ на 20 март. „Пандемијата сè уште не е завршена“, кажа германскиот канцелар Олаф Шолц, кој и натаму смета дека земјата треба да воведе задолжително вакцинирање против ковид-19, но на 2о март ќе ги укине речиси сите рестрикции. Ќе остане правилото за носење маска, а бројот на посетители на големи настани во затворено ќе се зголеми од 10.000 на 25.000.

    Австрија, која прва во Европа го направи вакцинирањето против ковид-19 задолжително, ќе тргне најголем дел од рестрикциите на 5 март. Веќе нема да се бараат ковид пропусници, но маските и натаму ќе бидат потребни во јавен превоз, продавници и болници.

    Италија и Шпанија допрва ќе ги олеснуваат мерките, а за почеток, ја укинаа обврската за носење маска на отворено.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира