„Ако татко ми не пукаше ќе настрадаше дел од семејството со гаранција. Денес ние ќе бевме мртви. Беше подготвен и сопствените деца да ги убие“, кажа Јове Ѓоргиевски, син на осомничениот битолчанец Тони Ѓоргиевски-Фердо (62) на денешниот мирен протест пред Основниот суд во Битола, на кој битолчани побараа слобода за него со образложение дека си го заштитил семејството.
Тој пред пред два дена со пиштол го уби невенчаниот зет за ќерка Стојанче Соколов (44), откако тој им упадна насила во куќата со мачета во рацете и им се закануваше. Вчера Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка и побара притвор за Ѓоргиевски. Тој е осомничен за убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик, зашто со умисла го лишил од живот Соколов.
Синот Јове рече дека починатиот Соколов, кој добро ѝ е познат на полицијата како прекршител на закони, 20 години ги малтретирал неговото семејство. Пред да се случи убиството, ѝ се заканувал на неговата сестра и таа заедно со двете деца утрото побегнала кај татка си.
„Оваа работа се случи во самоодбрана. Дојде со намера да нè отепа. Нè нападна зомби, не човек. Нè нападна со ножот. Татко ми мораше да пука за да нè одбрани останатите петмина што бевме дома. Никој не сакаше тој да умре, но немавме друго решение освен да пука“, рече Јове.
Тој заедно со битолчаните побараа институциите да му дозволат на татко му да се брани од слобода, зашто нема намера да бега. Рече дека ако сакал да побегне имал време да го стори тоа утрото по убиството. Но, тие веднаш повикале полиција и Брза помош. Кога тие дошле, немале викнато ни адвокат што покажува дека неговиот тетко немал намера да бега. Рече дека тој е чесен човек на кого семејството му е сè.
За изјавите од Обвинителството дека е осомничен за убиство со умисла синот запраша: „Да кажат судиите како ќе изреагираат да им влезе некој дома, да оди кон нив со намера да ги отепа и има оружје? Сакам да ми дадат одговор надлежните како ќе постапат тие ако гледаат дека некој им го напаѓа чедото и сака да го отепа?“
Според сведоштвото, неговото семејство со години имало мака со невенчаниот зет. Сестра му не се омажила со него зашто постојано имал проблеми со законот.
„Овој проблем го имаме повеќе од 20 години. Пријавуван е во полиција, во Центарот за социјални работи. Ќе дојдеше ќе се извинеше, ќе тераше некое време. Ќе се испијанеше, беше и конзуматор на дрога, ќе дојдеше дрогиран, ги малтетираше, тепаше. Имаше закани и кон мене, цело време кон сестра ми и внуците. Нè газеше со години , мајка ми и татко ми дома не можеа да преспијат мирно, спиеја со телефонот в раце да не се случи некому нешто“, кажа синот.
Нападот и убиството се снимени на камера која била поставена во домот. Почанинатиот, како што рекоа од семејството на протестот, ѝ беше познат на полицијата по направените криминали и насилства, имаше извршено и убиство, а неколку пати беше и во затвор.
На протестот за слобода на дедото беа и двете внучиња, деца на покојниот. Ѓоргиевски беше изненаден од големата поддршка на битолачни на протестот, зашто како што рече, првите саати по убиството мислел дека ќе го мразат.
„Си велев син на убиец, девојката ќе ме остави. Но градот, а и пошироко во државата го знаеја починатиот, би рекол да се суди како да не е убиство на човек кога ќе се види што личност беше, а татко ми го знаат сите како чесен , никогаш немал проблем со законот“, рече Јове.
Ж. ЗДРАВКОВСКА