Од 1 март на зонските паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ во главниот град паркирањето ќе биде поефтино за 25 отсто. На денешната седница на Советот на Град Скопје советниците дадоа согласност за ценовникот кој го предложи новото раководство на претпријатието.
Со одлуката паркирањето во зоната А0 од 100 денари се намалува на 75 денари, во зона А од 50 денари се намалува на 40 денари, во зона Б од 40 се намалува на 30 денари, а во зона Ц и Д од 30 се намалува на 25 денари.
ЈП „Градски паркинг“ во декември 2020 ја зголеми цената на паркирање за 5 денари. Тогаш од претпријатието објаснија дека новите цени се поради зголемените трошоци за одржување на паркинзите и катните гаражи со кои стопанисуваат.
Намалувањето на цената за паркирање во центарот на Скопје беше изборно ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Арсовска не смета дека со намалените цени се стимулираат граѓаните да користат автомобили наместо алтернативен начин на превоз, ниту пак дека се придонесува за метеж во сообраќајот и немање паркинг места.
„Дали видовте досега дека тие луѓе кои користат паркинг, ќе користат и понатаму, но тоа не значи дека треба да плаќаат драстично поголема цена за паркинг. Хаосот со паркирани коли ќе се реши кога ќе обезбедите доволен број паркиралишта и нема да се дозволи да се градат објекти кои немаат соодветен паркинг“, рече Арсовска.
Цената на паркирањето се намалува, а Градот минатиот месец му даде субвенции од 5 милиони денари на претпријатието поради потешкотии во работењето.
А. АНТЕВСКА