Американскиот претседтаел Џо Бајден рече дека отсекувањето на Русија од глобалниот банкарски систем Свифт не се предлага „во моментов“. Тој вели дека санкциите што веќе се предложени за сите банки имаат еднаква последица и можеби дури и ја надминуваат забраната за Русија од Свифт.
„Ајде да разговараме по уште еден месец па да видиме дали работат“, рече Бајден.
Тој вели дека отсекувањето на Русија од свифт банкарството „секогаш е опција, но во моментов тоа не е позицијата што остатокот од Европа сака да ја заземе“.
Премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон претходно рече дека постои потенцијал да се користи Свифт како санкција и дека „секоја карта е на масата“.
Бајден објави нови, посилни санкции за Русија откако таа денеска лансираше целосен напад на Украина, за кој кажа дека бил планиран со месеци. Тој тврди дека новите санкции ќе ја запрат способноста на Русија да ја финансира и зголемува својата армија.
„Санкциониравме руски банки кои заедно располагаат со средства од еден трилион долари. Ја отсековме една од најголемите руски банки, која држи една третина од банкарските средства на земјата. Новите санкции ќе ја ограничат способноста на Русија да води бизнис во долари, евра, јени и фунти“, рече Бајден.
Русија утринава ја зпочна инвазијата на Украина, а до доцна попладнето руските сили стигнаа на само 7 километри од главниот град Киев. „Си-Ен-Ен“ објави дека руските трупи веќе го контролираат аеродромот што е воена база на украинските сили.