УМЕТНИЦИТЕ МЕСТО НА НЕОПРЕДЕЛЕНО, ЌЕ СЕ ВРАБОТУВААТ СО ДОГОВОРИ НА 5 ГОДИНИ

a:2:{s:16:"td_post_template";s:22:"single_template_civica";s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    УМЕТНИЦИТЕ МЕСТО НА НЕОПРЕДЕЛЕНО, ЌЕ СЕ ВРАБОТУВААТ СО ДОГОВОРИ НА 5 ГОДИНИ

    Вработените во културата нема веќе да се вработуваат на неопределено време, а и овие што се сега вработени ќе мора да потпишат договори на определено време, до пет години. Ова нема да важи за оние што се на 10 години пред пензија. Тоа е една од одредбите што ги носат обемните измени од Законот за култура од 2014, а што во декмври, со одлука на Влада во форма на колективен договор ќе го потпишат СОНК и Министерството за култура. Колективниот инаку се подготвува 10 години наназад. Друга одредба е што вработените во културата ќе подлежат на реаудиции, реизбори и  преиспитување на нивната квалификација, исто така на пет години.

    Ова се дел од алармантните забелешки што Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) ги упатува кон Министерството за култура.

    „Танец“ веќе подлегна на една од измените, велат од СКРМ, и додаваат дека откако ги условија со зголемување на навистина мизерните досегашни плати, тие ја прифатија одредбата за трансформација на договорите, и од неопределено време, потпишаа дека се вработуваат на определено, на 5 години.

    “Тоа нѐ чека сите. Тоа е една од измените која произлегува од новиот Закон кој е наменет за администрацијата, и во кој и културните дејци се впишани како даватели на услуги. Тоа е дискриминација на уметноста“, вели претседателот на СКРМ, Виктор Илиески.

    Тој додава дека има многу нејаснотии со тој член, на пример кај кустосите кои на никаков начин не може да напредуваат иако во меѓувреме се здобиле со докторско звање, и постојано се на првата скала во систематизацијата, без услови за покачување на платата. Тој вели дека во мометов се вршат нови систематизации со ограничен број на највисоките звања, зашто нема пари од Министерството за финансии, што е брутално кршење на правата на вработените да напредуваат во кариерата.

    Од СКРМ во своите реакции зборуваат и за платите, за кои велат се катастрофални според стандардот на живеење. Доктори на науки од музеите, библиотеките, конзерваторските центри имаат по 18-19 илјади денари, што е под просечната плата во земјата. Под 20 илјади имаат и хорските и балетските уметници. Нешто натпросечна плата земаат најголемиот дел на оркестарски уметници.

    „Пресметаната месечна потрошувачка кошничка од 32.000 ден за четиричлено семејство со елементарни услови за преживување, и приходите кои ги имаат културните дејци од кои најголем дел се културни амбасадори на оваа држава, ви зборува за стандардот што го имаме“, велат од СКРМ.

    На оваа тема, со нови договори директно се зафатени музичарите и актерите кои треба да одат на реаудиции. Тие велат не се против, но одговорно тврдат дека начинот на кој би се правела проверката ја нема никаде во светот.

    „Креаторите на идејата комисијата да е од 5 члена од кои 4-ца се од странство, и нивното објаснување дека е тоа за да нема протекција, е неодржливо, зашто ние сметаме обратно. Според нас, тоа е добра алaтка за остварување на целите на менаџерите, да се ослободат од некои што ним не им се симпатични. Исто така, 5-от член е истакнат македонски уметник. Кај нас на пример тој член може да е Есма, но со сета почит кон сето она со што таа ја задолжила македонската култура и ја афирмирала во светот, таа не е соодветна да биде член во некоја комисија за реаудиција, бидејќи во Законот нема вметнати никакви критериуми за изборот на тој член. Министерството за култура, и неговите вработени треба да биде само сервис на најкреативните луѓе во државата, а не да бидат издавачи на наредби, а институциите да бидат извршители на нивните желби и честитки”, вели Илиески.

    Уметниците, музеалците, археолозите, библиотекарите, музичарите, артистите, администрацијата кои членуваат во СКРМ, неколкупати протестираа пред Министерството за култура за сите овие забелешки, и за нивниот третман како даватели на услуги. Од СКРМ велат дека неодамна во Белград завршил Конгрес на Интернационалната федерација на музичари и дека во заклучоците тие имаат писмена поддршка за нивните барања и потврда дека во ниту една земја нема вработувања на краток рок. Се разбира, тука е и директивата донесена од Европската комисија во која се нагласува дека во буџетските институции кои се финансираат перманентно, вработувањата мора да се исклучиво на неопределено време.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира