Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Владимир Путин на директни разговори, сметајќи дека само така може да се стави крај на војната.
„Ние не ја напаѓаме Русија и не планираме да ја нападнеме. Што сакате од нас? Заминете од нашата земја! Седнете со мене, разговарајте. Само не 30 метри далеку како со Емануел Макрон“, кажа Зеленски.
Тој истовремено побара од НАТО да ѝ прати авиони на Украина. НАТО претходно го одби неговото барање да се воведе забрана за летање над Украина, сметајќи дека на тој начин би се вмешале во војната.
„Ако немате моќ да го затворите небото над Украина, барем дајте ни авиони. Ако ние не постоиме, потоа на ред ќе дојдат Летонија, Литванија и Естонија“, порача Зеленски.
Тој се огласи додека во Белорусија се одржува втората рунда мировни преговори помеѓу Украина и Русија. Украинската делегација притоа побара прекин на огнот, примирје и хуманитарни коридори за извлекување на населението од градовите кои се окружени од руските сили и интензивно се гранатираат.