Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство како организатор, поведе на протест за социјални права по повод 8 Март, на релација Влада – Парк Жена-борец. Се маршираше под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“.
Во основа протестот беше против тоа дека жените се уште се далеку од еднаквост во правата со мажите, во сите аспекти од животот, во сите области. Не уживаат исти права ни дома, ни на работа, ниту во политиката, каде било.
„Овој 8 Март го одбележува женската сиромаштија, овозможена од системот, а продлабочена како резултат на двегодишната пандемија со ковид-19 и нејзините последици. Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок. Општество во кое жените се невработени и преработени, незаштитени, виктимизирани, објективизирани и лишени од своите права, е сиромашно општество“, рекоа од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
На маршот се приклучи и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Новиот закон за насилство на жените и семејно насилство дава заштита на жената – жртва, но колкав е капацитетот на полицијата, центрите за социјална работа пред се, на локалната самоуправа, на судовите во брзата реакција до правдата, или на сите субјекти на кои законот им дава сериозни и одговорни задачи на ова поле, ќе покажат првите резултати од мерењето на неговата примена.
С. К. ДЕЛЕВСКА