ОД ПОНЕДЕЛНИК ТРГНУВА КАРАВАН ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19 ВО 14 ЛОКАЛНИ ЗАЕДНИЦИ ВО ЗЕМЈАВА

    ОД ПОНЕДЕЛНИК ТРГНУВА КАРАВАН ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19 ВО 14 ЛОКАЛНИ ЗАЕДНИЦИ ВО ЗЕМЈАВАНа секое од овие места ќе може жителите да се вакцинираат и против ковид-19, а вакцинираните во странство ќе може да се евидентираат во „Мој термин“. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство со поддршка од Светска здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ од понеделник почнува со караван за вакцинација против ковид-19, кој ќе опфати 14 локални заедници низ државата. На секое од овие места, согласно распоредот, граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против ковид-19. Исто така, на овие локации граѓаните кои се вакцинирани во странство ќе имаат можност да се евидентираат во системот „Мој термин“.

    „Имајќи предвид дека невакцинираната популација има поголем ризик од смртен исход во споредба со вакцинираните, тоа значи дека голем дел од популацијата останува незаштитена. Одлуката за вакцинирање не треба да се одложува. Вакцинирањето е побезбеден начин за заштита на здравјето, отколку инфекцијата со вирусот, која може да доведе до смртен исход, а бустер дозите овозможуваат континуирана и максимална заштита“, соопштија од Министерството за здравство.

    Покрај активностите од караванот за вакцинација, кои ќе се реализираат во следните две недели, граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат и во здравствените домови во државата.

    Од Министерството посочуваат дека според статистичките податоци, се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Меѓу последно евидентираните хоспитализации и смртни случаи предизвикани од компликации на ковид-19, во земјава има сè повеќе млади лица кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата. Целта на овој караван е да ја приближат можноста можноста за вакцинирање до сите категории граѓани кои досега не се вакцинирале.

    Здравствените власти укажуваат дека вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт од ковид-19, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира