Не функционира системот за праќање СМС пораки за плаќање паркинг на ЈП „Градски паркинг“ во Скопје. Корисници на мрежата на А1 праќаат пораки за да платат паркинг на зонските паркинзи, но не добиваат повратни пораки дека најавата е евидентирана, па добиваат казна.
„Пратив порака, но не добив повратна информација. Но не помислив дека има некој проблем и дека плаќањето не ми е регистрирано. Кога се вратив по колата, имав казна односно блокатор на тркалото. Па не по моја вина морав да платам и казна од 1.000 денари. Од операторот ми рекоа дека проблемот не е до нив туку во софтверот кој се користи за спроведување на наплатата. После тоа уште неколку пати се обидов да платам со порака, но не ми беше регистрирано плаќањето“, вели скопјанец.
Од ЈП „Градски паркинг’ велат дека овој проблем е наследен од претходното раководство, кое ништо не презело да го реши и покрај поплаки од граѓани.
„Ние немаме наш софтвер туку за тоа имаме склучено договор со фирмата ‘Некст сенс“. За овој проблем им се обративме писмено, потоа имавме и состанок на кој побаравме од нив да го решат проблемот. Не знам зошто претходното раководство не пријавило дека има проблеми, ниту побарало од економскиот оператор да го реши ова прашање за кое се жалат граѓани“, вели Бојан Христивски, директор на ЈП „Градски паркинг“.
Христовски вели ако граѓаните се соочат со овој проблем треба да се јават во претпријатието или во фирмата „Некст сенс“ и да пријават.
„Доколку добијат казна која не е по нивна вина, можат да поднесат приговор во претпријатието“, вели Христовски.
А. АНТЕВСКА